Експремиерски аперкат во спикерскиот агол
Александра М. Митевска
Поранешниот премиер Никола Груевски не успеа вчера да го „нокаутира“ Законот за употреба на јазиците, иако навлезе сосема во спикерскиот агол, обидувајќи се во собранискиот ринг да ги покаже сите боксерски вештини кои, впрочем, ги докажуваше (метафорично) и додека владееше во земјава подолго од една деценија.
Груевски, веројатно, планира во истиот боксерски манир да ја продолжи својата политичка кариера и како опозиционер, ако се суди според неговиот вчерашен камбек во парламентот, откако со денови наназад јавноста го гледаше единствено како влегува и излегува од рочиштата во скопскиот Кривичен суд – за повеќе обвиненија покренати од СЈО. Тоа е само една од причините поради кои поранешниот долговечен лидер на ВМРО-ДПМНЕ нема легитимитет да истура вода, да исклучува микрофони и да удира по спикерската маса.
Тоа што можеби би му доликувало на некој нов политички лик од сегашните опозициски редови, изгледа дегутантно кога е предизвикано од еден довчерашен премиер кој, пред само неколку години, ја протна, на пример, на мала врата во Собранието „амнестијата“ за хашките случаи. Тоа што би му доликувало на некој случаен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ секако не е препорачливо за доскорешниот партиски лидер, кој договараше речиси идентично законско решение за јазиците со ДУИ, какво што пред неколку месеци оваа партија договори со СДСМ, а кое сега по вторпат беше донесено во парламентот.
Со повторното донесување на Законот за јазици е практично затворена уште една етапа од политичкото поглавје во Македонија, кое почна да се испишува набрзо по завршувањето на меѓупартиските преговори во Пржино и распишувањето на предвремените парламентарни избори во 2016 година – како временска одредница од која почна да се наѕира смената на власта. Од тој момент па сѐ досега, Законот за јазици, уште од времето кога беше само во најава, е една од доминантните теми на политичката сцена во земјава и една од главните причини за протести пред законодавниот дом, па и за повеќемесечното попречување на изборот на новиот спикер и на актуелната влада.
Сепак, ова веројатно не е и епилогот на сторијата за Законот за јазици. На опозицијата, на пример, ѝ останува и можноста да ја оспори пред Уставен суд регулативата која е, всушност, основата на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ. Од тој аспект, единствената позитивна вест во овој случај е дека контроверзниот Закон е симнат засега од дневниот ред во парламентот, каде што пратениците ќе можат конечно да се посветат на некои попродуктивни и поприоритетни прашања – секако, доколку не наидат не некои нови блокади од опозицијата. Негативните вести, пак, се помногубројни, а една од нив, покрај „аперкатите“ на Груевски и неговото опкружување, е таа дека владејачкото мнозинство, главно поттикнато од ДУИ, со игнорирањето на близу 36 илјади амандмани, практично, ја игнорираше парламентарната опозиција и нејзиното право да предлага амандмани и да ги користи сите деловнички празнини и можности за коригирање, па и за опструирање на владејачката постава.
За имиџот на оваа владејачка гарнитура, веројатно, ќе беше покорисно да го замрзне времено донесувањето на Законот за јазици отколку да им го приредува на вмровците она што тие им го правеа на социјалдемократите додека беа во опозиција. Сегашната владејачка коалиција секако можеше да преживее уште некое време без регулативата за која еврокомесарот Јоханес Хан рече дека не е државен приоритет, иако, од друга страна, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја оцени како последниот елемент од мозаикот наречен Рамковен договор.
Груевски и дел од неговите сопартијци, со инцидентот што го приредија во собраниската сала, успеаја вчера да му ја украдат „славата“ на Законот за јазици. Со опструирањето на спикерот, тие всушност го засенија она што требаше да биде главна вест од вчерашната собраниска сесија – дека Талат Џафери ги фрли во „контејнер“ десетиците илјади опозициски амандмани.
Собраниската сторија околу контроверзниот закон, за среќа, не заврши слично како што и почна претседателствувањето на Џафери со парламентот на 27 април минатата година. Можеби поради тоа што овој пат немаше кој да им ги отвори собраниските врати на протестантите пред собраниската зграда. Затоа, пак, Груевски успеа(л) да го расипе електронскиот систем за гласање. Поради тоа и пратениците од мнозинството мораа да гласаат рачно. Сега редно е и Груевски да крене рачна и да му го препушти политичкиот меч на неговиот наследник во ВМРО-ДПМНЕ, како што се пофали неодамна дека прави. Местото на Груевски во политичката арена сега е повеќе во публиката отколку во рингот.