ЕКСКЛУЗИВНО : Македонија на Евросонг 2018 во Лисабон

 

Македонија е 43 учесник на 63. Евросонг кој идната година ќе се одржи  од 8 до 12 мај во Лисабон, Португалија. На официјалниот список ЕБУ ја додаде Македонија кон претходните учесници од 42 земји.

“Интезивните преговори на највисоко ниво меѓу Македонската радио телевизија и Португалската радио телевизија за учество на македонски претставник на најпрестижната музичка манифестација во Европа завршија позитивно, на општо задоволство, велат наши извори од МТВ.

Паниката во македонската јавност претходно се прошири откако се откри дека не нема  на списокот меѓу 42. земји-учеснички, објавен од страна на ЕБУ, а како причина  се споменуваше долг на јавниот сервис кон ЕБУ.

Ова ќе биде 18 учество на Македонија на Евровизија. Допрва ќе се одлучува како ќе се избира македонскиот претставник за идната година.

Евросонг ќе се одржи под слоганот All Aboard!. Двете полуфинални вечери се закажани на 8 и 10 мај, а големото финале ќе се случи на 12 и дел од него ќе бидат 27 земји од вкупно 43 земји учеснички. Земјите учеснички, покрај Македонија, се : Албанија, Ерменија, Австралија, Австрија, Азербејџан, Белорусија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грузија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Израел, Италија, Латвија, Литванија, Малта, Молдавија, Црна Гора, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Русија, Сан Марино, Србија, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Украина и Велика Британија.

Годинава во Киев, Украина, боите на нашата земја ги бранеше Јана Бурческа со темата “Dance alone“ и за жал не се пласира во финалето. Официјално Македонија е дел од Евровизија од 1998 година, кога ова музичко натпреварување се одржа во Бирмингем, Велика Британија. Најдобриот пласман Македонија го имаше во 2006 година, кога наш претставник беше Елена Ристеска со темата “Нинанајна”. Од поранешните Ју-републики само нашата земја и Црна Гора никогаш не успеале да се најдат меѓу најдобрите 10 земји.

Л.Сабит