Едно лице под истрага заради нанесени телесни повреди на сопствената мајка

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело телесна повреда.

– Осомничениот на 17.02.2019 година, во семејниот дом во с. Визбегово, во видно алкохолизирана состојба, физички ја нападнал неговата мајка, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото. Потоа, тој со двете раце ја давел оштетената, ја турнал на земјата и продолжил да ја удира со што и нанел телесни повреди, стои во денешното соопштение од Основното јавно обвинителство Скопје.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, односно дека постои реална опасност осомничениот да го повтори кривичното дело или да избега, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.​