Еди Рама: Албанија и Србија заедно во ЕУ само по признавањето на Косово
Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Давос изрази желба Албанија на патот кон ЕУ да ја достигне Србија, со цел заедно да влезат во Унијата, но истовремено порача дека тоа е можно само под претпоставка Белград да го признае Косово.
Веднаш по пристигањето во Давос, Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ имаа неформална средба, а нивните билатерален разговори се закажани за утре.
На прашањето на српските новинари во Давос, кои се неговите очекувања за тоа дали Србија и Албанија можат заедно да влезат во ЕУ или проценува дека Србија пред Албанија ќе стане членка, Рама изјави дека се работи за процес заснован на заслуги.
– Кога се говори за Србија, таа има предност бидејќи веќе е во процесот на преговори со ЕУ, а ние очекуваме годинава да ги започнеме пристапните преговори. Сакаме во преговорите да имаме брз напредок. Но, зошто не би можело да се случи да бидеме во иста позиција во времето пред нас и заедно да влеземе во ЕУ. Под претпоставка дека Србија ќе го признае Косово, изјави албанскиот премиер.
Во врска со Специјалниот суд за воени злострорства во Косово, Рама истакна дека се работи за иреверзибилен процес, како и дека идејата и судот како таков не се во никаква опасност.
Во врска со темите кои се во фокусот на Светскиот економски форум во Давос, меѓу кои не е Балканот, албанскиот премиер оцени дека „фокусот е таму, каде што има повеќе проблеми“.
Тој потенцира дека Европа и САД се најважните фактори во балканскиот регион и дека е значајно да продолжат да имаат стратешка улога на Балканот.