„Единствена Македонија“ обвинува: Власта ќе го апси Јанко Бачев по референдумот

Власта ќе го апси лидерот на „Единствена Македонија“, Јанко Бачев за наводна вмешаност во настаните што се случија на 27 април минатата година.
Со вакви обвинување излезе потретседателот на партијата, Драгн Угриновски кој на прес конференција тврдеше дека партијата поседува документ со кој се докажува дека Бачев се сомничи дека им помагал на обвинети за упадот во Собранието да избегаат во јужна Србија и така да се спасат од прогонот на полицијата.

Угриновски презентираше исказ на заштитениот сведок „Ц1“ во случајот кој го води Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Исказот на сведокот бил најден во поштенското сандаче во седиштето на партијата.

„Постои комплетен записник, но не можам да зборувам за содржината на текстот. Сакаат само да не заплашат. Факт е дека ниеден од обвинетите за 27-ми април не е во бегство. Таква конструкција да му се става на товар на Бачев е апсурдно и е лажење на јавноста. Гледаат дека партијата чекори со полна пареа нагоре и сакаат да го саботираат тоа. Може да не следат, прислушкуваат, да ми се закануваат со апсење, но нема да дозволиме да ни го скршат духот. Ќе победиме во оваа битка референдумот да не успее“, рече Угриновски.

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ни изјавија дека не може да ја потврдат информацијата дека се води постапка против Бачев за поврзаност со настаните во Собранието.