Евростат: Македонија на дното по куповната моќ


Република Македонија и натаму тапка в место и е далеку од просекот на потрошувачка по жител во Европската Унија. Веќе трета година по ред куповната моќ на македонските граѓани е околу 40% од европскиот просек. На таа листа под нас е само Албанија, покажуваат последните податоци објавени од Евростат.

Тоа според граѓаните, се должи на политичката нестабилност, но пред се од нискиот стандард на државата.

Дополнително негативно влијание ќе предизвика и бранот поскапувања кој стартуваше од годинава. Зголемената цена на нафтата ќе донесе зголемени цени на лебот, млекото, јајцата, автобуските карти, цигарите, па дури и кафето во кафулињата.

Со куповна моќ од регионот, Бугарија е на последното, а Хрватска на претпоследното место меѓу земјите членки на ЕУ. Потрошувачката на граѓаните на Турција е во постојан пораст и пред речиси сите земји од Југоисточна Европа. Просечниот граѓанин на Турција, според Евростат, со 64% од просекот на Унијата има поголема потрошувачка од граѓаните на Унгарија, Романија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Србија, Македонија, БиХ и Албанија.

Инаку, сите нови членки на ЕУ, со исклучок на Хрватска, ја намалуваат разликата во однос на развиените земји. Тука следуваат и Германците, Австријците, Британците, Финците, Данците, Французите, како и други постари членки на Унијата.

Податоците на Евростат се сумирани врз потрошувачка кошничка на исти стоки во различни држави.