Евростат: Жените во ЕУ прво дете родиле во просек на 29 години

Во Европска унија во 2016 година се родиле 5.148 милиони бебиња, повеќе отколку во 2015 година, кога имало 5.103 милиони новороденчиња.

Жените, кои таа година родиле прво дете, имале во просек 29 години. Најмлади биле мајките од Бугарија, а најстари Италјанките, соопшти Евростат.

Стапката на вкупниот фертилитет во ЕУ била 1,60. Најмала била во Шпанија и Италија (1,34), потоа Португалија, Кипар и Малта, а најголема во Франција (1,92) и Шведска (1,85).

Најмладите мајки кои добиле прво дете биле од Бугарија, Романија и Летонија, каде нивната просечна возраст била 26 години.

Најстарите прворотки, со околу 31 година, биле во Италија, Шпанија и Луксембург.

Околу пет проценти првороденчиња добиле жени помлади од 20 години, а околу три проценти жени постари од 40 години.

Во Бугарија и Романија околу 14 проценти првороденчиња родиле тинејџерки, додека тој процент е најмал во Словенија (1,6 проценти) и Италија (1,7 проценти).

Наспроти тоа, најмногу проценти мајки кои прво дете добиле по 40 години биле од Италија (7,2 проценти од сите првороденчиња), Шпанија (6,6 проценти) и Грција (5,3 проценти).

Повеќе од 80 отсто од бебињата во 2016 година биле прво или второ дете. Трето дете во семејството биле 12,2 проценти од новороденчињата, а четврто и секое следно дете сочинувале 5,9 проценти од сите бебиња.

Во Финска секое десетто новородено бебе го родила мајка која веќе имала најмалку три деца. Зад неа биле Ирска, Велика Британија, Словачка, Романија и Бугарија.