Евросонг 2019: Тамара со прва проба на 7 мај

Македонската евровизиска претставничка Тамара Тодевска на 7 мај ќе ја има првата проба со песната „Proud“ на Евросонг во Тел Авив, Израел, дознава „Независен весник“. Македонската делегација ќе отпатува на престижниот музички настан еден ден претходно. Сценскиот настап се подготвува во консултација со тим од Шведска, а за стајлингот на Тамара ќе се погрижи дизајнерот Александар Ношпал.

Поп-ѕвездата утрово отпатува за Израел, во рамките на нејзините промотивни евровизиски активности. Годинава Евросонг е од 14-18 мај. Македонија настапува на второто полуфинале, на 16 мај. Детали за разгледницата која ќе се снима три дена, не се знаат зашто евровизискиот тим не смее да соопштува детали.

„ Шалом Израел. Не сум утрински човек, но навистина му се радувам на своето прво патување во Израел, за да ја снимам мојата евровизиска разгледница. Ве сакам сите“, напиша пејачката под фотографијата која ја објави од скопскиот Аеродром.

Тамара на Евросонг 2019 ќе настапува под името Северна Македонија.

Aвтори на евровизиската песна на англиски јазик се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а стиховите се дело на писателот Коста Петров.

Годинашниот евровизиски тим на МРТ го сочинуваат одговорниот уредник на МТВ 1, Анета Андонова, уредникот на Културно-уметничката програма на МТВ1, Мери Попова, уредникот на Културно-уметничката програма на МТВ 2, Авни Ќаили и уредникот на Културната програма на МРА 1, Тони Цифровски.  (Л.С.)