Европскиот ракометен првак на ниво: Вардар му зема мерка на Рајн Некар Левен

Вардар го совлада Рајн Некар Левен со 30:26 во дербито на осмото коло во ракометната Лига на шампиони што ЕХФ, патем, го прогласи и за меч на неделата. За европскиот првак ова е седма победа со која се зацврсти на чело на табелата во групата А со 15 бода, четири повеќе од нивниот денешен ривал.

„Црвено-црните“ го имаа главниот збор попладнево во СЦ „Јане Сандански“. По израмнувањето на 1:1 во воведните минути од средбатта, се останато беше во знак на момињата на Раул Гонзалез кој овојпат не можеше да смета на Бразилецот Рожерио Мораеш и Хрватот Лука Циндриќ.

Бековската линија на бундеслигашот беше затворена на ниво, а „под око“ постојано се држеше и еден од најопасните противнички играчи, Андре Шмит. И ефектот на крај не изостана во што голем придонес имаа и интервенциите на Арпад Штербик, но и гранитната одбрана на колегите пред него. Како последица на тоа дојдоа неколкуте пресечени акции што беа претворени во лесни голови, резултатско одлепување и држење на Германците на безбедна дистанца до истекот на 60. минута.

Фокусот од првиот дел вардарци го задржаа и во продолжението. Сликата на терен во вторите 30 минути остана непроменета во однос на воведниот пола час игра. Домашните го диктираа темпото и јасно дадоа до знаење дека текот на средбата ќе зависи само од нив. Во завршните 10 минути имаа и плус седум (27:20) што недвосмислено упатуваше на рутинско одработување на преостанатиот дел од времето.

Вуко Борозан го предводеше Вардар со седум погодоци, шест вгради Иван Чупиќ, а Денис Криштопанс реализира пет. По пет за поразената екипа постигнаа Шмит и Рафаел Гонзалез Баена.

Веќе наредниот викенд Вардар ќе патува во Манхајм на реванш со Ран Некар Левен.