ДУИ стагнира на референдумската сцена

Високите партиски функционери на ДУИ и членови на Владата од оваа партија практично исчезнаа од просторот за јавна пропаганда за референдумот, наспроти сѐ посилно манифестираната поддршка што доаѓа од нивниот коалициски партнер СДСМ.
Десетина дена трае „мртвиот период“ на интегративците, поточно од одбележувањето на 17-годишнината од Охридскиот рамковен договор, кога лидерот Али Ахмети и вицепремиерот Бујар Османи пратија пораки дека земјата нема друг избор освен интерграција во НАТО и ЕУ која ќе обезбеди напредок, мир, стабилност и дека „референдумот е момент кој што треба да не сплоти затоа што е во интерес на сите граѓани“. Слични пораки, но преку соопштенија, двајцата упатија и по завчерашните нивни средби со холандскиот амбасадор Ваутер Пломп.
На што се должи наглото повлекување на ДУИ од полигонот на жестока дебата за плебисцитарното изјаснување на 30 септември? Станува ли збор за добро испланирана стратегија на суптилно дистанцирање, по реакциите кај порадикалниот дел од јавноста дека етничките Албанци ќе решаваат за името на државата, па сѐ до небулозните барања тие да не учествуваат на референдумот.
Извори од партијата признаваат дека периодов е намален интензитетот на јавната кампањата, но тоа го дефинираат како „затишје пред бура“. Несомнено е, велат тие, дека Албанците масовно ќе одговорат на референдумот. Очекуваат да се засилат радикалните однесувања на поединци и групи како што се приближува референдумот, за што неформално е разговарано во партијата, како и со коалицискиот партнер. Тоа не резултирало со драстични промени во стратегијата, иако, како што нагласуваат, насоките биле во правец на повнимателно јавно делување.
Официјално од ДУИ, која практично е првата политичка партија што најави дека ќе плати од „свој џеб“ за да води одделна кампања за излезност на референдумот, не се согласуваат дека последниов период се во подредена улога.
„Постојано сме активни. Централниот партиски штаб со кој ќе раководи Атила Реџепи го формиравме во понеделникот. Ќе се формираат и помали партиски штабови на локално ниво. Целиот партиски потенцијал е ангажиран. Граѓаните сакаат членство во НАТО и ЕУ и еконосмки развој“, вели пратеникот и шеф на кабинетот на Ахмети, Артан Груби, кој нагласува дека граѓаните треба да бидат правилно информирани пред да донесат одлука.
За дел од аналитичарите не е чудно малку попасивното делување на ДУИ последниот период. „Потребно е примерно, коректно однесување за да не се остава каков било материјал кој би го искористиле противниците на договорот за да го компромитираат целиот процес“, вели аналитичарот Алберт Муслиу.
Тоа, според него, би довело до влошување на меѓуетничките односи. „Дел од структурите упорно го ставаат референдумот во емоционалната сфера, која не е рационална. Веројатно тоа е причината што последниов период забележливо е подреденото однесување на ДУИ. Но она што е важно, ова не е проблем на Албанците, ова е проблем на цела држава“, вели Муслиу.
Наум Котевски