ДУИ се финансира нелегално, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сомнително

Резервираност кај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а незадоволство кај партиите со албански предзнак во земјава, изразува Државниот завод за ревизија кога е во прашање финансирањето на ланските локални избори, како и на редовното опслужување на политичките субјекти. Недоследности има и во работењето на Државната изборна комисија. Не се чисти сметките ниту во државните универзитети. Но олеснувачка околност за сите нив, како што реагираат експертите, е дека ревизорските извештаи најчесто завршуваат во ѓубре, а одговорност не понесува никој. Финансирањето на политичките партии е рак-рана во македонската демократија, констатирани се многубројни неправилности и препораки како да се надмине проблемот, но утврден е и недостиг од политичка волја, па прашање е дали законските измени што се во процедура ќе придонесат во надминување на проблемот.

Финансиските извештаи со спецификација на трошоците за приходите и расходите на трансакциската сметка за времетраењето на изборната кампања не се објавени на веб-страницата на ДУИ. Вкупните приходи и расходи не се прикажани целосно, реално и објективно, односно прикажани се во помал однос. Поради недоволни информации во договорите и фактурите од радиодифузерите за извршено политичко рекламирање, како и поради фактот што поголем дел од радиодифузерите немаат доставено извештај за искористен рекламен простор, не бевме во можност да потврдиме дека трошоците за реклама и пропаганда се целосни и се однесуваат за реално потрошено време за рекламирање. Примени се донации од физички лица, во износи поголеми од законски утврдените“, пишуваат ревизорите во извештајот за партијата на Али Ахмети.

Вчера и невладината „Транспаренси интернешенел – Македонија“ посочи дека „Македонска пошта“, „Аеродроми на Македонија“ и „Македонски железници – инфраструктура“ се јавуваат на листата на донатори на ДУИ во 2016 година, што е спротивно на законите за спречување на корупцијата и за финансирање на политичките партии. Откако за ова го известиле Обвинителството, добиле одговор од Државната комисија за спречување корупција во кое се наведува дека сомневањата се точни, по што е отворена истрага. По претставка од „Транспаренси“, Антикорупциската комисија за ова го известила Обвинителството поради сомнение за злоупотреба на буџетски средства.

Кога е во прашање Беса, констатирани се расходи за кои не може да се утврди дали навистина се остварени донации повисоки од законски утврдениот износ, како и неуредност во однос на просториите што ги користи партијата за потребите на изборната кампања.

За финансиските извештаи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ за 2015 година, изразивме мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, како и усогласеност на активностите, финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива, упатствата и воспоставените политики“, велат од Државниот завод за ревизија.

Кире Бузлиев, потпретседател на Либералната партија, објаснува дека Законот за финансирање политички партии е полн со неправилности.

На ревизорите им посочив неколку пропусти. Прво, што правиме со просториите што партиите ги користат за редовни состаноци, а што кога ги користат во кампања, дали треба да имаат посебни договори со сопствениците? Во однос на членарината, пропишано е дека смее да се користи од претходната година, но не пишува која, па на пример, ако изборите се во јануари, дали парите од членарината треба да се искористат од претходната или од таа година пред неа? Има една одредба која вели дека париите може да се финансираат и од правни лица поврзани со политичката партија. А, кои се тие правни лица што се поврзани со политичките партии? И на крајот, има нелогичности и во опцијата за земање кредит. Бадијала сите извештаи на Државниот завод за ревизија кога никој никогаш не понесол одговорност по нив“, дециден е Бузлиев.

Професорот Јове Кекеновски прашува како е возможно партиите од непрофитни организации да станат најбогати правни лица. Според него, во финансирањето на политичките партии има елементи за кривични дела од повеќе категории.

Мора да има промена на јавниот и приватниот начин на финансирање политички партии и да има крај на односите меѓу спонзорите и партиите, оти никој не дава пари бадијала. Сегашните закони ги фаворизираат финансиски моќните партии. Извештаите на ревизорите се одлични, но, за жал, никој не ги третира сериозно“, алармира Кекеновски.

Во 2017 година, само по основот на обезбедени мандати и освоени еден процент од гласовите се одвоени 1,7 милион евра од Буџетот на РМ, при што најголем прилив добила ВМРО-ДПМНЕ: 407.000 евра и СДСМ: 294.000 евра. Притоа, станува збор за суми што се примаат секоја година, а не еднократно. Приватното финансирање на партиите може да го прават и физички и правни лица, при што во Македонија донациите за политичките партии се максимализирани на 150 просечни нето-плати од правни лица и 75 просечни плати од физички лица (56.600 евра од правно лице и 28.300 евра од физичко лице), а за време на изборните кампањи – до 30.000 од правно лице и 3.000 евра од физичко лице. Максималните износи на изборните донации во 2006 година беа утврдени на 20.000 и 5.000 евра, во 2014 година износот за правните лица скокна на дури 50.000 евра, за во 2015 година да се утврди некаква средна вредност помеѓу првичното законско решение и подоцнежните измени во Изборниот законик. Неодамна, во јавноста излезе информација дека власта и опозицијата се договараат партиите да бидат финансирани од државата со цел да се избегне корупциската спирала.

Горан Адамовски