Дуелот Ривер – Бока ќе се игра надвор од Аргентина

Реванш-дуелот од финалето на Копа Либартадорес меѓу Ривер Плата и Бока Јуниорс нема да се игра во Аргентина, објави Јужноамериканската фудбалската конфедерација (КОНМЕБОЛ) по средбата со претседателите на двата клуба во парагвајскиот главен град Асунсион.
Конфедерацијата сака натпреварот да се одигра на 8 или 9 декември (сабота или недела) надвор од границите на Аргентина, но се уште нема официјална потврда за датумот и времето.
– Во Аргентина нема потребни услови за да се одржи оваа средба. Сакаме таа да е на 8 или 9 декември надвор од Аргентина, изјави претседателот на КОНМЕБОЛ, Алехандро Домингез.
Бока Јуниорс се уште инсистира дека овој дуел не треба да се одигра и Ривер да биде санкциониран, а трофејот да им биде доделен службено според точка 8 од Правилникот, кој гласи дека за инциденти со тренерскиот штаб, официјални лица или играчи на гостинскиот тим, надвор од стадионот, одговорноста е на товар на тимот домаќин.
Реваншот требаше да се одигра во саботата на стадионот „Монументал“, но беше одложен откако автобусот со играчите на Бока беше нападнат од навивачи на Ривер. Двајца гостински играчи беа повредени и примени во болница.
Првично средбата беше одложена за 24 часа, но во неделата беше решено дека двата тима не се изедначени и повторно беше одложен до изнаоѓање на официјално решение каде да се одржи последниот натпревар.
Имаше опција тој да се игра во Абу Даби и победникот да игра директно на Светскиот клубски шампионат.
Во првиот натпревар одигран на „Ла Бомонера“, Ривер и Бока ремизираа 2:2. Головите на гостински терен не важат во престојниот реванш.