Дрон ќе снима кој фрла мебел и шут во контејнер


Фрлање троседи, фотелји, шпорети или градежен шут во контејнер ќе се санкционира, а прекршителите ќе се снимаат со дрон. Градските инспектори ќе вршат контроли низ целиот град, а најмалата казна ќе биде 50 евра. Скопјани од денеска можат сите работи од дома што не им требаат, без надомест, да ги остават во собирните центри на „Комунална хигиена“ во Карпош, Вардариште и Шуто Оризари. Градежниот шут, пак, мора да се транспортира директно во „Дрисла“. Со фрлање плочки, бетонски блокови или цигла најмногу се уништуваат контејнерите и возилата за транспорт. Поради тоа, и казните за овој прекршок се меѓу највисоките.

За успешно спроведување на акцијата, според новиот главен градски инспектор Мирослав Богдановски, заедно ќе работат градските и општинските инспектори.

-Започнуваме со реорганизација на градскиот инспекторат, ќе ги зголемиме контролите на местата каде што се создаваат диви депонии со ваков вид отпад. Секојдневно состојбата на терен ја снимаме и со дрон. Сега веќе кога имаме локации каде што може бесплатно да се донесе овој отпад, ги повикуваме и граѓаните што ќе видат дека некој не ги почитува правилата да нè повикаат“, вели Богдановски.

Градот Скопје има само десет комунални инспектори, но затоа, вели тој, координирано ќе работат со општинските колеги, засилени со смарт-алатката, заради поголема поефикасност.

„Комунална хигиена“, според директорот Абдусамед Шабани, седум дена во неделата ги празни контејнерите, па сепак околу нив многу често има мебел, шут и апарати од домаќинството, па градот изгледа нечист. Вакви црни точки има речиси во секоја населба, а не е поштедено ниту коритото на Вардар.

-Хигиената во градот зависи од нас, но и од граѓаните. Според Законот за јавна чистота, забрането е фрлање градежен шут и кабаст отпад во контејнерите. Апелирам граѓаните да го почитуваат комуналниот ред во градот и ѓубрето да го фрлаат внатре во садовите. Мебелот, електричните апарати, остатоци од кујни или плакари мора со сопствен превоз да ги донесат во нашите рециклажни центри. Тие работат секој ден од 7 до 19 часот, посочува Шабани.

Доколку граѓаните не можат да обезбедат превоз за габаритните делови од домаќинството што не им се веќе потребни, можат да се обратат до бесплатниот дежурен телефон на „Комунална хигиена“. Директорот Шабани вели дека за надомест од 850 денари ќе им дојдат работници и камион и ќе ги ослободат од отпадот.