Државна прослава по повод формирањето на Војска на Косово

По денешното усвојување во косовското Собрание на законите со кои досегашните Безбедносни сили (ФСК) практично се трансформираат во Војска на Косово, во касараната на ФСК „Адем Јашари“ вечерва се одржа церемонија во организација на ФСК и Владата на Косово.

Покрај највисоките претставници на ФСК, на прославата учествуваа највисоките државни раководители на Косово – претседателот на Републиката Хашим Тачи, претседателот на Собранието Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај.

Тие им го честитаа формирањето на косовска војска на припадниците на ФСК и на граѓаните на Косово и порачаа дека ова е еден од најзначајните датуми во историјата на косовската држава.

Претседателот на Косово и врховен командант на ФСК Хашим Тачи во своето обраќање рече дека оружените сили со новиот мандат ќе бидат столбот на државата и ќе останат и натаму, како што беа и до сега, една од најдоверливите институции во земјата.

Тој изрази почит за сите оние кои во минатото го положија својот живот за Косово денеска да може да го слави формирањето на својата војска.

Премиерот Харадинај рече дека „Косово влегува последно во редицата на војските но светот“, но „влегува во мир и е почестена што е покрај Соединетите Американски Држави“.

Тој им порача на косовските Срби дека „војската на Косово никогаш нема да се сврти против својот народ, без оглед на етничката припадност“ и дека и Србите, како и сите граѓани на Косово, „ќе бидат заштитени од војската, било да се тие на југот или на северот од земјата“.

Парламентарниот спикер Кадри Весели рече дека „денот кога Косово се стекна со војска е ден кој сегашните и идните поколенија ќе го помнат со гордост“.

– Секој од нас ќе има сеќавање на овој ден. На големите родендени на нашата држава им се додава уште еден голем роденден, оној на Војската на Косово, рече Весели.

На крајот на церемонијата, тројцата највисоки државни претставници на Косови извршија смотра на единиците на ФСК.