Државната матурата ќе почне со полагање со странски јазик
За помалку од две недели, за учениците што завршуваат средно образование, започнува полагањето на државната матура. Новина годинава е тоа што како прв екстерен предмет е тестот по странски јазик, место мајчин јазик како што беше изминатите години, а тестирањето е закажано на 2 јуни во сите средни училишта. За државната матура се пријавиле 15.256 ученици, од кои 7.673 од гимназиско образование, 7.335 од средно стручно образование и 248 од средно уметничко образование, велат од Државниот испитен центар.
Директорката на скопското средното училиште „Јосип Броз Тито“, Татијана Стојанова-Дуева, вели дека матурантите се подготвуваат за полагањето на испитот на зрелоста. Предметните професори на учениците им држат и подготвителни часови, учениците вежбаат и дома. Стрес и паника нема.
„Кога станува збор за државната матура, последните години нема слаби резултати. Од година во година бројот на приговорите е сѐ помал. Државната матура е воспоставен сериозен систем на проверка на знаењата. На кој факултет сакаат да одат си избираат соодветен екстерен предмет. Интерен испит исто се полага во училиштата, комисиите се внатрешни. Подготвителните часови се веќе започнати. Целото второ полугодие е во знакот на подготовките на државната матура. Професорите што менторираат ги подготвуваат учениците пред часови, после часови, па и за време на часовите. Стрес кај учениците не се забележува, иако за нив е сепак испит“, нагласува Татијана Стојанова-Дуева.
Државната матура ќе се спроведе по единаесетти пат во сите јавни средни училишта и во приватните училишта. Државниот испитен центар е подготвен за нејзина реализација. Испитот ќе се спроведе на хартија како и претходните години, велат од центарот.
„Согласно концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование со четиригодишно траење во Македонија, учениците екстерно полагаат 3 предмети. На интерно ниво полагаат еден предмет и изготвуваат и бранат проектна задача. Задолжителен предмет за сите кандидати е мајчиниот јазик (македонски јазик и литература или албански јазик и литература или турски јазик и литература).
Датуми за полагање на државна матура во јунска испитна сесија 2018 година
02.06.2018 – англиски јазик, француски јазик, германски јазик и руски јазик;
09.06.2018 – македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература;
11.06.2018 – хемија, физика, биологија, историја, филозофија, естетика и бизнис.
13.06.2018 – математика;
Задолжителен предмет за сите матуранти на државната матура е мајчиниот јазик. Македонски јазик и литература ќе полагаат 10.119 кандидати, албански јазик и литература 4.474, а 373 турски јазик и литература.
Инаку, најголем дел од матурантите – 14.101 избрале да полагаат англиски јазик. Бројот на кандидати кои се пријавиле да ги полагаат останатите странски јазици е многу помал. Француски јазик ќе полагаат 111 кандидати, германски јазик 164, а руски јазик само 15 кандидати. За математика се пријавиле да полагаат 1.929 кандидати. Бизнис ќе полагаат 3.993 кандидати, историја 2.610, биологија 3.737, филозофија 2.923. Малкумина избрале да полагаат хемија – 241, физика 100 и естетика 180 кандидати.
Сите испити почнуваат во 10 часот. Испитниот материјал се дистрибуира во училиштата дента кога се реализираат испитите и веднаш по завршување на тестирањето се враќа во Државен испитен центар. Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и 2.221 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи.
Согласно правилникот за државна матура, резултатите од полагањето ќе бидат објавени во рок од 30 дена од реализација на последниот испит. Кандидатите што полагале државна матура, доколку сметаат дека е направен превид при вреднувањето на тестот, имаат право да поднесат приговор на резултатите. Рокот за доставување приговор е најдоцна два дена по објавувањето на прелиминарните резултати од испитот.
Интерните испити од државната матура се спроведуваат во термин утврдени од училишната матурска комисија. Кандидатите што во јунскиот испитен рок нема да успеат да положат дел или сите испити од државната матура, односно од оправдани причини не полагале или им била изречена мерка прекинување отстранување од испитот, ќе можат да полагаат во августовскиот испитен рок.
Вероника Мароска-Леова