Државата ќе го купува уделот на „Макпетрол“ во ГА-МА


Државата ќе го купува уделот што го има компанијата „Макпетрол“ во гасоводот ГА-МА. Ова е решението за долгогодишниот спор што државата го има со „Макпетрол“ за сопствеништвото на единствениот гасовод што го има земјава.
Новиот закон за енергетика предвидува сопственик или косопственик на преносниот гасоводен систем да не смее и да не може да биде сопственик на фирма која врши снабдување со природен гас.

Како резултат на тоа во договор со Владата, „Макпетрол“ ќе треба да го продаде својот сопственички удел во ГА-МА и да остане само на една дејност, односно да биде само снабдувач со гас.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев објави дека Владата веќе постигнала договор за овој проблем со „Макпетрол“ и дека по донесувањето на законот за енергетика ќе биде ангажирана консултантска куќа која ќе направи целосна анализа на состојбата и потоа ќе почне процесот со кој ќе се утврди на кој начин и за колку пари Владата целосно ќе стане сопственик на гасоводот.

– Апсолутно сме во согласност со менаџментот на „Макпетрол“ и во моментов преговараме. Тие покажаа подготвеност да останат во делот на снабдување со природен гас, а да излезат од сопственоста на гасоводот. Тоа е само во делот на ГА-МА каде што „Макпетрол“ има одредено процентуално учество во сопственоста на цевководот. Се разбира дека оваа постапка ќе биде направена на транспарентен начин и за тоа ќе има меѓународна проценка. По таа проценка ќе може да се зборува за вредноста што ѝ ќе биде исплатена како компензација на „Макпетрол“ – изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев при претставување на новиот закон за енергетика кој е во владина процедура.
Тој потенцира дека во меѓувреме државата води судски спор со „Макпетрол“ во однос на уделот што го има во гасоводот, кој порано бил 50-50 со државата, а „Макпетрол“ сега тврди дека има поголем удел во сопственоста.

Од „Макпетрол“ за „Независен весник“ велат дека со внимание го следат процесот на донесување и изработка на новиот закон за енергетика и дека ќе ги почитуваат европските регулативи во енергетиката. Велат дека се разгледува опцијата за продажба на уделот што го имаат во ГА-МА на државата, но сѐ уште немаат конкретна одлука за тоа.

– Во интерес на граѓаните и нашите клиенти и акционери ние постојано и во целост ја почитуваме и ја поддржува примената на регулативите на ЕУ од областа на енергетиката, од кои дел се вклучени во новиот предлог-закон за енергетика. Со внимание го следиме процесот на изработка на новиот предлог-закон и сме во постојана комуникација со Владата, во интерес на што побрзо и со поквалитетни решенија да се средат состојбите во оваа сфера. Една од опциите што ги разгледуваме е секако и можноста за откуп на акциите во сопственост на „Макпетрол“ од страна на државата. Сепак, имајќи предвид дека тоа не е конечно избрана опција ниту, пак, има конкретни одлуки во таа насока, а се работи за деловно чувствителна информација, сметаме дека е несоодветно во овој момент да пласираме повеќе детали околу овие информации. Почитувајќи го начелото за транспарентност, јавноста ќе биде информирана за сѐ што ќе се случува понатаму – велат од „Макпетрол“.

Како што е познато, спорот со „Макпетрол“, кој се води повеќе од една деценија, се однесува на несогласувања околу тоа кој е доминантен сопственик на ГА-МА.

Европската регулатива од „Пакетот 3“ со која е усогласен новиот закон за енергетика предвидува дека „Макпетрол“ ќе мора да го продаде својот дел од преносниот гасоводен систем или, пак, ќе мора да ја продаде фирмата ќерка за снабдување со гас, која сега е единствена што работи со снабдување со гас на македонскиот пазар. Тоа е правило секаде во земјите од Европската Унија.
Откако ќе биде завршена оваа постапка, државната компанија „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР) треба да биде единствен сопственик на дистрибутивната мрежа на гас.
Инаку, Владата во судскиот спор за утврдување на учеството на државата во ГА-МА го тужи „Макпетрол“ за сума од 2.854.959.000 денари, или околу 46 милиони евра.

Примарниот гасовод треба да биде изграден до 2020 година

И додека ГА-МА е единствениот гасовод во државата, кој има многу мала искористеност, односно околу 30 проценти, државната енергетска компанија МЕР изгради еден крак, а се градат уште три краци од примарната гасоводна мрежа во Македонија.

Едниот, кој оди од Штип кон Неготино, е изграден 85 проценти, вториот се гради од Неготино кон Битола, а изградбата е малку закочена поради проблеми со експропријација, додека трет крак се гради од Скопје кон Гостивар и Тетово. Изградбата на овие три краци се финансира со кредит од 90 милиони евра од Дојче банка.

Досега е завршен само еден крак од Клечовце до Штип, кој беше изграден со пари од клириншкиот долг што Русија го имаше кон Македонија. Проекциите се дека примарната гасоводна мрежа ќе биде изградена до 2020 година, додека пак дистрибутивната мрежа до секој дом и до секоја компанија, според новиот закон за енергетика, ќе биде оставена во надлежност на локалната власт, која ќе треба да најде начин за да изгради гасоводна мрежа.

Александра Спасевска