Државата очекува 100 милиони евра прилив од осумте лиценцирани производители на канабис

Точно е дека мојот прв братучед Трајче Заев ја купи оранжеријата на фирмата „Мам“, потврди денеска пред пратениците премиерот Зоран Заев и информира дека вкупната инвестиција ќе достигне повеќе од 10 милиони евра, а во моментов се вработени скоро 30 граѓани од Свети Николе.

Одговорајќи на прашање од пратеничката Благица Ласовска, Заев рече дека производството е во тек, а првите берби се очекуваат во периодот јуни/јули кога ќе биде остварен и девизен прилив од извозот.

Според премиерот, етички е и со закон дозволено да се произведува лек од канабис, независно дали станува збор за член на семејството Заеви. Тој воедно апелира, секој што има ресурси да вложи во оваа дејност зашто е профитабилна.

– Се работи за сериозен производствен капацитет. Новите сопственици на „Мам“ се „Елиница“ од Струмица и словенечка компанија која има фабрика за произведување лек од канабис во Германија и Полска. Инвестицијата досега е три милиони евра. Исплатени се обрвските на „Мам“ кон сите што имале побарувања од претходната сопственичка структура, околу 2,5 милинои евра. Подмирени се пред се стопанствениците и институциите во Свети Николе и државата, објасни премиерот.

Докупени се, рече, и акциите на помалите сопственици со што капиталот е комплетиран.

– Целта е да бидат вработени повеќе од 130 граѓани на Свети Николе. Тоа е дејност согласно Законот што го донесе претходната власт – за производство на лек или масло од канабис. Тогаш беше издадена само една лиценца, а оваа Влада издаде уште седум, додека уште четири до пет се во процедура, нагласи Заев.

Тој лично, како што истакна, е поддржувач на вакви работи зашто од производство на лек од канабис државата очекува  нови работни места и 100 милиони евра прилив што е 0,1 отсто од бруто домашниот производ.

– Се е согласно меѓународните стандарди и регулативи. Грманија, Канада и САД во некои држави истото го прави. Се надевам дека кај нас ќе има повеќе инвестиции, а едно од најнапредните е производството во ОХИС. Веднаш после него е производството кај Крушево каде веќе берат цвет заради екстрадирање на маслото од марихуана, информира премиерот, изразувајќи уверување дека Македонија го држи чекорот во оваа дејност и дека ваквите инвестиции ќе и донесат само добро.

Заев е уверен дека до крајот на мај земјава ќе има девизен прилив од извоз на сушен продукт – цвет од масло од канабис за пазарите во Полска и Германија.

– Во Владата е отворена дебата – ако во првата реколта се испорачаат количините со девизен прилив колку што се најавува согласно пазарните берзи, државата можеби треба да размисли за акциза, рече премиерот.

На овој одговор, пратеничката Ласовска дополнително праша дали тој, како премиер, навистина смета дека е етички некој од неговот семејство да се занимава со овој тип на производството.

– Не е етички да го ставиме министер Трајче Заев или да го вработиме, него или некој од неговата фамилија, но и тоа како сметам дека е етички членови на семејството Заеви да се занимаваат со ваков вид производство. Тоа е дозволено со закон, не само во Македонија, туку и во најголем број од земјите во светот. Има благородно дејство, лечи, прифатено е од нашата медицина и од Светската здравствена организација, секаде функционира и мислам дека е добро да се произведува лек од канабис за потребата на пациентите, потенцира Заев.

Премиерот беше дециден дека Трајче Заев има право да води приватен бизнис, посебно онаму каде што нема допирни точки со државата. – Се гордеам со секоја инвестиција на Заеви, оти се што имаме ни е дома и ќе продолќиме дома да инвестираме, подвлече претседателот на Владата.