Државата ангажира странски експерти, домашните ги заборава

Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија Слаѓана Тасева се бори против корупцијата во голем број држави во регионот, во време кога државава има Антикорупциска комисија која не функционира. Поранешната судијка во Врховниот суд, Маргарита Цаца Николовска, која беше судија и во Меѓународниот суд во Стразбур, најголемиот придонес во судството го дава преку својата невладина организација, во време кога реформите во судството се едни од клучните за добивањето датум за преговори за членство на земјава во Европската Унија. Валентин Нешоски, човекот кој ја напиша првата комуникациска стратегија за зачленување на Македонија во Европската Унија за периодот од 2007 до 2009 година, е медиумски експерт за зајакнување на комуникациските активности во врска со реформата во јавната администрација и управувањето со јавните финансии во БиХ и Албанија. Малинка Ристевска, пак, која беше висок функционер во време на Рамила Шекеринска како вицепремиер за евроинтеграција, сега е лидер на проект за евроинтеграција во албанското МНР.
Ова се само дел од македонските експерти кои своите вештини и знаења ги пласираат во странство, ангажирани од многу меѓународни организација надвор, но не и во Македонија.
Слаѓана Тасева беше член на меѓународната антикорупциска комисија МЕЦ која има три домашни и три странски члена во Авганистан. Била избрана од меѓународните организации УСАИД, УНДП, ДИФИД, Норвешка и Данска, а назначена со декрет од претседателот на Авганистан Ашраф Гани. Мандатот таму и бил две години, а сега има договор со Обединетите нации за поддршка на антикорупциските активности во Фиџи, а работи и во Босна и Херцеговина, Албанија, Србија, Косово и во Албанија. Таа е член и на академскиот борд на Меѓународната антикорупциска академија во Виена.
„Секаде, само не во Македонија“, вели Тасева.
Судијката Цаца Николовска, пак, вели дека кога се вратила од Европскиот суд за човекови права како судија никој не покажал интерес за неа, па дури тогашната власт направила сè за да не се врати на старото место како судија во Врховниот суд на Македонија. Практично е оставена без работа.
„Факт е дека државата ништо не направи за мојата сегашна позиција. Не сум именувана од страна на државата како судија и во моментот сум потпретседател на Уставниот суд на Босна и Херцеговина“, вели Николовска.
Експертот за комуникации Валентин Нешоски од неодамна стана консултант за медиуми и за зајакнување на комуникациските активности околу реформата во јавната администрација и управувањето со јавните финансии во Србија, која ја водат две министерства. Претходно на слични ангажмани работеше за владите на БиХ и на Албанија. Тој ја напишал првата комуникациска стратегија за зачленување на Македонија во Европската Унија (2007 до 2009), во времето кога вицепремиер за евроинтеграции беше Радмила Шекеринска. Тогаш процентот на поддршка во земјава бил неверојатни 93 отсто, а после тоа нема комуникациска стратегија.
Во моментов актуелна е кампањата за референдумот, а во јавноста веќе излегоа информации дека за нејзината организација ангажирани се странски експерти. Владата официјално засега не ги потврдува овие информации, но неофицијално проструи информацијата дека во неколку министерства веќе работат британски и американски експерти.
Според Цаца Николовска, државата апсолутно не ги користи домашните експерти и тие се заборавени. Таа порачува дека тие можат да бидат искористени и за референдумот, како приоритетна цел на земјава. Тие можат да помогнат и за содржината на референдумот, од аспект на уставното право, како и од аспект на законот со кој се третира прашањето за референдумот.
Според неа, нема некоја голема заинтересираност на државата за експертите како поединци. Вели дека сега се појавува некој тренд, но дека државата може да направи многу повеќе.
„Домашните експерти, покрај познавањето на меѓународните стандарди, имаат големи сознанија и за домашната сцена, што е особено важно. Странските експерти ја немаат таа позиција. Тие си имаат свои познавања, меѓутоа домашната легислатива, проблематика од аспект на домашно право е многу поголема познаница за домашните експерти. Ако ништо друго, соработката меѓу странските и домашните експерти апсолутно треба да биде овозможена и да се користат многу повеќе домашните експерти, што сега не е случај“, вели Николовска.
Нејзиниот впечаток е дека во Македонија повозрасните експерти од повеќе области се третираат како луѓе од „поранешно време“.
„Ние имаме експерти, повозрасни луѓе, кои апсолутно можат многу да придонесат. Јас слушам дека доаѓаат експерти за антикорупција од држави, во однос на кои Македонија порано беше многу понапред. Тоа беше резултат токму на работата на тие експерти кои сега никој не ги користи“, порачува Николовска.
Од Владата не ни одговорија колку домашни експерти имаат ангажирано во измените на законите и од каде што се странците кои ќе бидат ангажирани во кампањата за референдумот.
Фросина Факова – Серафиновиќ
Фото: Борис Грданоски