Драстичен пад на увозот на стари автомобили

Македонците помалку купуваат автомобили. Податоците на царинската управа на Македонија покажуваат драстичен пад на увозот на половни автомобили од почетокот на годината. Статистиката покажува дека од јануари до октомври годинава увезени се вкупно 18.256 половни автомобили, што е за околу 4.000 возила помалку споредено со истиот период минатата година.
Во исто време импортерите на нови коли за десет месеци годинава увезле 4.445 возила што е за 278 повеќе споредено со истиот период лани.

Сопствениците на автоплацеви ваквата статистика ја објаснуваат со политичката криза во државата во првата половина од годината кога, како што велат целосно била замрена побарувачката и увозот на половни коли.
-Пазарот на половни коли беше замрен во првите пет месеци годинава. Поради нестабилната политичка ситуација немаше ниту увоз, ниту продажба на коли, вели Игор Младенов, сопственик на автоплац во Скопје.

Но, покрај тоа, како најголем проблем за увозниците на половни коли според него се високите царини на поновите автомобили.
-За возило кое е произведено од 2010 до 2014 година, за да се увезе во Македонија има многу висока царина. Тоа значи поголеми трошоци за нас увозниците, а на крајот и поголема цена за оние кои сакаат да купат автомобил. За да се намали застапеноста на постари возила што се и најголеми загадувачи на воздухот, треба државата да ја намали царината за увоз на понови коли. Доколку има помали царини за поновите коли, никој нема да сака да купи стара кола, вели Младенов.

На пример како што објаснува тој, за увоз на еден „џип“ произведен во 2012 година треба да се плати царина од околу 15.000 евра, а тој “џип“ да се купи во Германија чини околу 30.000 евра. Според него ако го увезе и продаде „џипот“ во Македонија цената ќе му биде најмалку 45.000 евра, а за таа сума може да се купи и нов.

Во моментов на пазарот најбарани се возила со германско и италијанско потекло по цена од околу 2.000 до 3.000 евра.
-Се бараат „опели“, „голфови“, „фиати„, „пежоа“ не поскапи од 3.000 евра, според стандардот на граѓаните. Со просечна плата од 25.000 денари банките не одобруваат кредити поголеми од 3.000 евра, па затоа овие автомобили се најбарани, објаснува сопственикот на автоплацот за „Независен весник“.

Во Македонија во моментов е дозволен увоз само на возила со Еуро 4 стандард, а оваа обврска стапи на сила во јули минатата година.
Ваквата одлука надлежните ја донесоа со цел да се ограничи увозот на стари возила кои беа посочени како една од причините за зголемувањето на загаденоста на воздухот.

-Возилата со Еуро 4 стандард се одлични, но подобро би било да можеме со пониска царина да увезуваме и со Еуро 5 и со Еуро 6 стандарди. Тоа ќе значи и обновување на возниот парк во државата и секако помало загадување во градот, објаснува Младенов.
Измената за увозот на возила со повисоки стандарди беше донесена уште во 2013 година на барање на импортерите на нови возила и компаниите што увезуваат стари.

Тогаш се донесе одлука увозот на стари возила со Еуро 2 стандард да се ограничи до 31 август 2014 година, а со Еуро 3 до 30 јуни 2016 година.

Од стартот на увозот на половни возила во земјава се внесени над 200 илјади коли.
Тие возила што беа увезени изминатите неколку години, иако помогнаа малку да се обнови возниот парк во државата кој беше преплавен со „фичовци“ и „застави“, сепак имаат пониски стандарди споредено со Европската унија и се уште го загадуваат воздухот.

Александра Спасевска