ДПМ со комеморација за академик Милан Ѓурчинов

Друштвото на писатели на Македонија денеска од 11 часот ќе одржи комеморација за книжевниот научник, критичар и есеист, академик Милан Ѓурчинов, кој почина на 24 јуни.  Милан Ѓурчинов (1928-2018) беше член на писателската асоцијација од 1956 година, а во еден период и нејзин претседател.

– Како еден од најкомпетентните проследувачи на македонската книжевност, со својот впечатливо обемен и квалитетен опус, Ѓурчинов даде неодминлив влог во критичката опсервација на нашата литература во текот на повеќе од шест децении. Притоа, тој континуирано остана приврзаник на концептот на вредносна критика која директно, аргументирано и едуцирано искажува суд за книжевното дело. Таква критика, која денес и е потребна на нашата култура можеби повеќе од кога и да е, може да произлезе само од перото на интелектуално љубопитна, етички силна, стабилна и слободна личност, каква што беше и самиот тој, соопшти ДПМ.

За личноста и за високите дострели на делото на Ѓурчинов ќе говорат: Соња Стојменска-Елзесер, Мишел Павловски, Елизабета Шелева, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Трајче Кацаров и Гоце Смилевски.

Комеморација за академик Ѓурчинов во петокот одржа Македонската академија на науките и уметностите.