До 11 часот во Македонија гласале 8 отсто, гласањето без проблеми

До 11 часот на 3.480 гласачки места на територијата на Република Македонија гласањето тече мирно и без неправилности.

– Од обработените 92,06 отсто од податоците од избирачките места до 11 часот на гласање излегле вкупно 8,03 проценти од запишаните гласачи на тие избирачки места. До ДИК до овој момент, доставени се седум приговори за заштита на личното избирачко право. Три од нив се одбиени, додека четири се во обработка, информираше на прес-конференцијата портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.

Највисока излезност има во општина Центар 13,31 процент, Крива Паланка 13,8 и општина Карпош 12,51, а најниска излезност има општина Могила 3,16 и Пласница 3,30.

Битола – Во првите четири часа од изборниот процес во општина Битола гласале 12 отсто од граѓаните со право на глас. Гласањето се одвива демократски и без проблеми на сите 170 гласачки места.

Демир Хисар – Од 7.090 регистрирани гласачи на Eдинствениот избирачки список, до 11 часот гласале 8,7 отсто од граѓаните учесници на денешниот референдум.

Гостивар – До 11 часот на гласање излегле 4.457 лица, односно 5,64 отсто. Не се пријавени нерегуларности или попречување на референдумското изјаснување. За денешниот референдум ќе се гласа на 121 избирачко место, а право на глас имаат вкупно 79.160 граѓани, кои се запишани во Единствениот избирачки список

Маврово Ростуше – Од вкупниот број гласачи – 9.672, до 11 часот на референдумот се изјасниле 524 граѓани, односно 5,42 отсто.

Гевгелија – До 11 часот на референдумот излегле 2.152 гласачи или 11,19 отсто од запишаните во гласачкиот список

Валандово – Бројот на излезени граѓани до 11 часот изнесува 801 или осум отсто од гласачкото тело.

Богданци – До 11 часот гласале 634 граѓани или 9,36 отсто.

Дојран – На референдумско изјаснување до 11 часот излегле 260 гласачи или 9,56 отсто.

Делчево – Во Делчево од вкупно 14.721 гласач своето право на глас го оствариле вкупно 1.653 гласачи или во проценти 11,3.

Македонска Каменица – До 11 часот во Македонска Каменица на 17 избирачки места од вкупно 6.666 своето право на глас го оствариле 611 гласачи. Гласањето се oдвива во мирна и демократска атмосфера.

Дебар – Референдумот се одвива непречено, без никакви проблеми. Од вкупно запишаните 18.318 граѓани со право на глас во 27 избирачки места, до 11 часот гласале 865 или околу пет отсто.

Центар Жупа – Во Единствениот избирачки список во оваа општина запишани се 6.686 гласачи. Своето граѓанско право до 11 часот го оствариле 402 лица или шест отсто од вкупниот број гласачи. Се гласа на 16 избирачки места.

Куманово – Во Куманово излезеноста е 8,12 проценти. На референдумот право на глас имаат 92.560 гласачи кои гласаат 167 избирачки места.

Крива Паланка – Сите 47 избирачки места во Крива Паланка изутрината се отворени навреме, а исто така и 17-те избирачки места во општина Ранковце. До девет часот излезеноста на граѓаните во Крива Паланка изнесува 5,1 отсто од вкупниот број 16.995 гласачи.

Ранковце – Право на глас имаат 3.019 граѓани, а од нив 97 го оствариле правото на глас на референдумот до 9 часот.

Струга – До 11 часот гласале 6,63 отсто од регистрираните гласачи – 60.169 лица во Струга, на 101 избирачко место своето гласачко право го оствариле 3.989.

Ресен – Вкупно 1.391 лице од регистрирани 16.760 гласачи (8,3 отсто) во Избирачкиот список во општина Ресен денеска до 11 часот го оствариле референдумското право.

Велес – Од вкупно 46.110 гласачи во Единствениот избирачки список до 11 часот на референдусмкото гласање излегле 3.728 гласачи или 8,09 проценти.Се гласа на 84 избирачки места.