Дојдовниот туризам ќе креира нови работни места

Нова и поквалитетна туристичка понуда договараа повеќе од 150 претставници на туристички агенции, хотели, ресторани, музеи и на винарии, туристички водичи, транспортери, студенти и претставници на Владата во рамки на Втората туристичка берза, организирина од Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија.

– Дојдовниот туризам влијае на повеќе сектори во економијата и директно и индиректно генерира работни места. Затоа, во креирање на туристичката понуда, треба да бидат вклучени сите чинители кои придонесуваат кон зголемување на квалитетот на понудата – изјави Влатко Сулев, претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам.

Според него, време е дојдовниот туризам како индустрија што остварува извоз да го добие заслуженото место во општеството и да се зголеми свесноста за важноста на овој туризам.

Втора година по ред, организацијата на туристичката берза е поддржана од Швајцарската амбасада. За амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада, туризмот е еден од најважните сектори на економијата.

-Во светски рамки, туризмот генерира речиси 10% од глобалната економија и е заслужен за 1 од 11 работни места. Македонија треба да го следи овој тренд и верувам дека оваа туристичка берза ќе помогне да се подобри туристичката понуда и на тој начин да привлече туристи и да креира нови работни места во Македонија – истакна амбасадорката Техада.

Втората туристичка берза се организира под слоганот „Сите сме дел од истата туристичка приказна“. Основната цел на берзаата е да се подобри комуникацијата меѓу различните групи чинители во дојдовниот туризам, да се помогне во разбирање на нивните бизнис потреби и да се овозможи полесно прилагодување на туристичката понуда на Македонија согласно последните светски трендови.