Доцнењето на платите во училиштата e редовна практика

Независниот синдикат за образование бара да се реши проблемот со доцнењето на платите за вработените во образованието и во иднина ваквата практика да не се повторува. Претседателот на синдикатот, Томислав Гиевски, вели дека не е првпат да им доцни платата, со што не се почитува Законот за работни односи, според кој до 15-ти во месецот е крајниот рок да се исплати плата. Според него, станува збор за околу дваесет илјади вработени во образованието кои уште не ја зеле јулската плата, повеќето од нив се вработени во основните училишта, ама има и дел од вработените во средните училишта.
„И во минатото имало ситуации платата да лежи во општина. Искуството покажа дека проблемите околу ненавремената исплата на платите за вработените во образованието продолжуваат, поради тоа што нашата плата поминува низ неколку институции – од училиштето до општина, па до Министерството за образование и наука и Министерството за финансии. Затоа бараме овие институции поактивно да земат учество во решавање на овој проблем. Доколку во иднина се повторува доцнењето на платите, оние што се главни и одговорни за овие последици треба  да сносат одговорност, за да не се повторува оваа практика. Нам ни е важно навреме да земаме плата“, изјави Гиевски за „Независен весник“.
Гиевски претходно порача дека вработените во образованието немаат дополнителни хонорари и надоместоци, па за нив платата, за која сметаат дека е ниска и под просек, претставува единствена егзистенција. Побара од Министерството за образование и наука и општините да одговорат зошто се деградираат работниците во образовниот сектор. Подвлече и дека е непристојно за земја која има претензии да стане членка на Европската Унија, работниците да молат да ја добијат својата чесно заработена плата.
Од Министерството за образование и наука соопштија дека ги исполниле своите обврски за исплата на јулската плата на наставниците. Платите за вработените во средното образование веќе се на нивните трансакциски сметки, додека за платите на вработените во основното образование рекоа дека Министерството ги спровело сите потребни процедури.
„Како што е утврдено во соодветните закони, Министерството за образование и наука ги испрати сите документи потребни за исплата на платите до Министерството за финансии, од каде што добивме повратна информација дека сè е подготвено за реализација на платите на вработените во основните училишта. Сега останува училиштата да ги продолжат понатамошните процедури за финансиски трансфери, така што платите на вработените ќе се пренесат на нивните трансакциски сметки“, рекоа од МОН.
Од Министерството нагласија дека прават сè што можат за да ги отстранат проблемите и да ја подобрат ситуацијата во однос на платите во образованието.
„Наставниците и вработените во образованието се категоријата што дефинитивно заслужува посебно внимание, не само од нас, како ресорно министерство, туку и од сите други. МОН прави напори не само да се избегне доцнењето туку наскоро да се зголемат платите за вработените во основното и во средното образование“, додадоа од МОН.
Вероника Мароска-Леова