Доналд Туск во посета на земјите од Западен Балкан

Претседателот на Европскиот совет Доналд Трамп денеска ја почнува турнејата по Западен Балкан при што ќе ги посети Тирана, Подгорица, Белград, Приштина, Сараево и Скопје.

Туск на 27 април ќе го посети Скопје и ќе учествува на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин е претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

Посетата на Туск, која ќе трае до 27 април, е за подготовка на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржина 17 мај во Софија.

– Пораката до нашите пријатели е јасна: Европска унија е и понатаму ќе биде најсигурен партнер за целиот регион, како и најголем инвеститор, најголем донатор, најголем трговски пазар и најдобро ветување за подобра иднина на граѓаните. Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија треба да ја потврди европската перспектива на регионот и што е уште поважно конкретно да ги подобри врските со регионот и во самиот регион, истакна Туск пред посетата.

Претседателот на Европскиот совет посетата на Западен Балкан ја почнува со средба со албанскиот премиер Еди Рама, а подоцна во текот на денот ќе се сретне со црногорскиот премиер Душко Маровиќ. За утре е предвидена средба во Белград со српскиот претседател Александар Вучиќ. Туск во четврток ќе ги посети Приштина и Сараево, при што ќе се сретне со косовскиот претседател Хашим Тачи, а потоа ќе отпатува за Босна и Херцеговина, каде е предвидена средба со членовите на Претседателството, Драган Човиќ, Младен Иваниќ и Бекир Изтбеговиќ.

Последниот ден од посетата на земјите од Западен Балкан, Туск ќе претстојува во Скопје, при што е планирана средба и со македонскиот премиер Зоран Заев.

– Сите состаноци ќе бидат важна можност за подготовка на претстојниот самит на шефови или влади на ЕУ и лидерите на Западен Балкан во Софија на 17 мај. Тоа исто така ќе биде можност да се разговара за билатералните односи со ЕУ, се посочува во соопштението на Европскиот совет.

Од почетокот на 2018 година Западен Балкан го посетија претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер и шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини.