Дождовите ги размножија комарците

Нема многу ефекти од првото прскање против комарци. Граѓаните се жалат дека не можат да излезат на отворено, а да не бидат искасани. На удар се особено децата, дури и во случаи ако се заштитени со препаратите против убоди.

Градот Скопје досега прскаше само двапати, по еднаш авионски и по земја. Запрашувањето доцнеше речиси два месеца поради тендерот и изборот на соодветно средство за прскање. Резултат на тоа е намножувањето на секакви инсекти, кои и не сме навикнати да ги забележуваме во урбаните средини во овој дел од годината, а особено комарците. Вообичаено, прскањето во Скопје почнува кон крајот на април или почетокот на мај, а во јули се реализира втората фаза од третман на ларви и возрасни инсекти.

За намножувањето на инсектите во градските средини во последните години влијаат и климатските промени. Според професорката на Институтот по биологија на Природно-математичкиот факултет, Валентина Славевска-Стаменковиќ, зголемените температури, а годинава и појавата на чести врнежи во пролетните и летните месеци, се дополнителна причина за зголемената бројност на комарците.

-Врнежите од дожд, често проследени со поплави, придонесоа за зголемување на бројот на застоени води, бари, канали и други живеалишта полни со вода погодни за развој на легла на комарците. Дополнително, причина за зголемиот број на комарци годинава се и високите температури кои го забрзуваат животниот циклус на комарците. Времетраењето на ларвениот стадиум кој се одвива во застоени води се скратува, а бројот на генерации на комарци кои ќе се размножат се зголемува, вели Славевска-Стаменковиќ.

Во овие услови најважно е да се заштити здравјето, особено на најмладите, бидејќи убодите на инсектите може да бидат причина и за различни инфекции и болести преносливи преку инсекти. Според имунологот Катерина Ставриќ, директорка на Детската клиника, децата треба да се заштитуваат и пред, но и после убодите.

– Децата треба да се заштитат со некои средства против инсекти, но доколку се искасани, важно е да не се чешаат, затоа што разранувањето на убодот е влезна врата за најразлични инфекции. Доколку се случи тоа, кожата задолжително треба да се третира локално со антибиотик и средства за дезинфекција – објаснува Ставриќ.

Од Градот Скопје најавуваат дека годинава е предвидено трипати да се запрашува од воздух и од земја против ларви и по петпати од воздух и од земја за возрасни комарци. Следното прскање е предвидено за викендов, но доколку се поволни временските услови. Ако врне, најавуваат градските власти, ќе треба да се одложи.

– Авионската дезинсекција на подрачјето на Скопје против возрасни форми на комарци ќе се реализира в сабота и в недела во раните утрински часови. Дезинсекцијата по земја ќе почне в недела и ќе трае до четврток. Доколку временските услови не дозволуваат, дезинсекцијата ќе се изврши првиот нареден ден кога ќе бидат поволни временските услови – информираат од Градот.