Дијабетичарите бараат инсулин, Влада тврди дека нема инсулинска криза

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски денеска изјави дека нема инсулинска криза и оти има доволно залихи на инсулин.

– Нашите информации говорат дека во моментов има доволно залихи и не постои инсулинска криза, истакна Бошњаковски, најавувајќи дека новиот министер наскоро ќе излезе на прес-конференција и јавноста ќе има повеќе информации за сите актуелни прашања поврзани со секторот здравство.

Здружението на лица со дијабет „Шеќерче – Лилитоп“ од Велес денеска излезе со отворено писмо до премиерот Зоран Заев во кое укажува дека речиси цел месец нема инсулин и оти повеќе од сериозна е состојбата со лицата со дијабет во државата.

– Речиси еден месец некои си поигруваат со судбините на над 50.000 инсулин зависни граѓани, од кои над 500 се деца. Време е Вие лично да се ангажирате и дејствувате. Уште еднаш од Вас бараме да ставите моментален крај на инсулинската криза во државата. Инсулин да стасува до секој што му е потребно, а истовремно да донесете системско решение со кое нема да се овозможи следна криза, која и сега мислиме дека е наметната, но и без оглед на тоа ни одзема животи, се вели во писмото.