Дисциплинска постапка против тројца обвинители за настаните од 27 април во Собранието

Против тројца обвинители е покрената дисциплинска постапка поради сомнеж за пропусти во истрагата за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија, објави „Телма“.

Дисциплинска постапка, како што објави телевизијата, е отворена против поранешните раководители во скопското и обвинителството за организиран криминал, односно против Златко Биковски, Гордана Гешковска и Јован Цветановски.

Тројцата обвинители се товарат дека не извршиле увид на настаните од 27 април во Собранието.

Со дисциплинската постапка не е опфатен тогашниот државен обвинител Марко Зврлевски бидејќи не е дел од организационата структура за вршење увид, тврдат извори во обвинителството. Не е опфатен ниту еден виш обвинител, освен Цветановски кој од позицијата заменик раководител на скопското во меѓувреме беше избран за виш обвинител.