Димитров: Преговарачкиот процес нема смисла ако се бара истото ниво на зрелост како за влез во ЕУ

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во тесен круг на експерти и новинари во Брисел одговара на прашања за преговорите со Грција, како и за следните чекори на Македонија кон ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Треба да има јасна дистинкција дека стартот на преговори не е исто што и пристапувањето во ЕУ. Ова треба да биде признаено. Има два до три изборни циклуси помеѓу двата настани, а пристапувањето е алатка што е тука да ги помогне реформите. Ако го барате истото ниво на демократска зрелост како онаа што се бара за влез во ЕУ тогаш процесот нема смисла. Имаме искуства со земји што почнале преговори, а потоа се најдоа блокирани. Нема автоматизам. Секогаш кога се политизира овој процес тој не успева. Дали е тоа за да се турка земјата напред или да се задржи назад, ова функционира само доколку земјата е оценувана индивидуално и врз основа на заслуга, изјави министерот за надворешни работи на конференција во Брисел организирано од Европскиот Политички Центар, на прашање на модераторката околу тоа кои се аргументите на Македонија да ги убеди земјите членки кои се скептични за старт на преговори со земјата.