Димитров: Консолидирањето на Европа е невозможно без стабилен и просперитетен Балкан

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска од Стразбур порача дека консолидирањето на Европа е невозможно без стабилен, мирен и просперитетен Балкан.

Во обраќањето на априлската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, министерот Димитров истакна дека во време на глобални предизвици и кризи неопходно е земјите членки на Организацијата да направат сеопфатни напори за имплементирање на преземените обврски од членството во Советот на Европа (СоЕ), со што директно придонесуваат кон зајакнување на демократската сигурност на Европа.

Во однос на напредокот во европските интеграции, шефот на македонската дипломатија рече дека најдобра потврда за сработеното е чистата препорака за Македонија во новиот Извештај на Европската комисија.

– Наш предизвик е да постигнеме суштинска промена внатре. Нашата цел не е само да стигнеме до ЕУ членство. Патот до таму е исто толку важен и треба да води кон изградба на општество во кое владее правото, функционираат институциите и се почитуваат човековите права, истакна Димитров.

При посетата на Советот на Европа, министерот Димитров оствари одделни средби со Торбјорн Јагланд, генерален секретар на Советот на Европа, Микеле Николети, претседател на Парламентарното собрание, Гвидо Раимонди, претседател на Европскиот суд за човекови права, Дуња Мијатовиќ, комесар за човекови права на Советот на Европа, како и со членови на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

На средбите, како што соопшти ресорното Министерство, Димитров го претставил она што македонската Влада го преземања во делот на надворешната политика, новата соседска политика, а се осврнал и на активностите во однос на реформите за унапредување на демократијата, човековите права и владеење на правото.