Димитров во Грац на дебата за Преспанскиот договор и евроинтергацијата

Австрија- „До Европа преку Преспа: Европската интеграција на Северна Македонија“ е темата на предавањето, кое шефот на дипломатијата Никола Димитров ќе го одржи денеска на Универзитетот во Грац, а кое потоа ќе биде проследено со отворена дискусија.

Димитров денеска престојува во работна посета на Грац, на покана на Универзитетот во австрискиот град, а посбен акцент на предавањето ќе биде ставен на Договорот од Преспа, „европеизацијата“ како процес кој придонесува кон надминување на конфликтите и споровите во регионот, како и актуелните предизвици и идните перспективи на патот кон Европската унија. Министерот за надворешни работи ќе има средба со раководството на Универзитетот.

За време на престојот во Грац, Димитров ќе има работна средба со државниот советник за економија, туризам, Европа, наука и истражување во локалната Влада на Штаерска, Барбара Ајбингер, како и неформална дискусија со претставници од академската и бизнис заедницата.

На средбите се очекува да се разменат мислења за европската интеграција на земјата, досегашните остварувања на планот на реформската агенда, како и можностите за продлабочување на академската и економската размена и соработка.