Димитров бара мудрост и нерви пред средбата со Коѕиjас

„Пуштајте ми ве молам мудрост и нерви“ напиша министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на својот фејсбук-профил пред да отпатува за Њујорк, каде што треба да се сретне со неговиот грчки колега Никос Коѕијас. Преговорите продолжуваат со посредство на медијаторот Метју Нимиц, а средбите се најавени за в четврток и в петок.

Коѕијас, пак, кој од вчера е во Вашингтон, веќе се сретна со американскиот државен секретар Мајк Помпео и индиректно потврди дека Атина не размислува за последниот предлог – Република Илинденска Македонија.

„Ние ја поддржуваме потребата да прифатиме едно од имињата што ги предложи Нимиц. Не се согласуваме, како што знаете, со петтото име од неговите предлози (Република Македонија (Скопје)) и одиме напред кон усвојување на еден стратегиски план за пријателска соработка со оваа земја во иднина, со нејзиното ново име“, изјавил Коѕијас.