ДИК: „За“ гласале 91,25 отсто, „против“ 5,82 од обработените над 85 проценти

Државната изборна комисија вечерва на прес-конференција соопшти дека на референдумското прашање „за“ гласале 500.323 или 91,25 проценти, а „против“ 31.886 граѓани или 5,82 проценти.

Излезеноста, според досега обработените 85,71 процент од избирачките места, е 36,11 проценти.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски информира дека вкупниот број на важечки ливчиња е 532.218, на неважечки 16.073 и неупотребенеи е 969.993.

– Обработен е висок процент на пристигнати резултати. Сметам дека во многу краток рок ќе ги добиеме и останатите резултати и јавноста ќе може за кратко време да ги има комплетните нефоцијални резултати затоа што официјални ќе бидат кога ќе ги пребереме сите записници и кога ќе изминат роковите за приговори. ДИк во законски предвидените рокови во текот на утрешниот ден ќе ги објави и официјалните резултати, рече Дерковски.

Прашан за оценка дали референдусмот е успешен или не, Дерковски рече дека согласно законот за да биде успешен референдумот треба да има излезеност од 50 проценти плус еден глас и дека мнозинството треба да се изјасни „за“.

– Согласно неофицијалните резултати повеќе од 85 проценти преброени гласови јасно е дека еден од условите не е исполнет и на референдумот не е донесена одлука, појасни Дерковски.