Дизајнерката Олгица Ѓоргиева по успехот во Грција: „Електра“ е следното ниво во мојата кариера

Модната креаторка Олгица Ѓеоргиева вчера во Скопје, со семејството и пријателите, го прослави 38. роденден, уште под импресии од неверојатниот успех во Грција, како костимограф на балетската претстава „Електра“, работена на музика на славниот композитор Микис Теодоракис, во најстариот театар во Грција, театарот „Аполо“, на грчкиот остров Сирос – во рамките на 14. издание на интернационалниот „Егејски фестивал“.

– Ова интервју ми е особено драго, затоа што го пишувам на мојот роденден и на некој начин е симболично! Си реков дека денес ќе направам од сè по малку што ме прави среќна, исполнета и задоволна, така што и овој момент е еден убав дел од мојот живот!

Кога ќе погледнам назад, можам да кажам дека сум една задоволна личност која својот живот го фокусирала на растење во секој поглед! Се сметам за прилично свесна и реална личност и мислам дека секоја фаза од мојот живот ја поминувам многу трезвено и со многу присуство! Јас сум на мојот животен пат и си ја пишувам мојата историја, на мој начин! Работите што сум си ги посакала за себе речиси секогаш станале дел од мојот живот, само понекогаш во различно време од тоа што сум посакала, а годините ме научија дека секогаш било вистинското време, така што му верувам на животот и оставам да си ја заврши својата работа! Најголемиот успех што сум го постигнала сметам дека е мирот со себе, кој е предуслов за сè во животот! Кога човек е чист, тогаш енергијата тече природно, фокусот е поголем, а свесноста на повисоко ниво. Секако дека имам неостварени желби, меѓутоа така предизвикот е поголем. Ќе го продолжам натпреварот сама со себе, исто како во видеоиграта „Супер Марио“… Додека не заокружиш едно ниво, не можеш на следното, а јас уживам во тој процес, вели Ѓоргиева.

По 10 години успешна кариера како моден дизајнер со препознатлив потпис, Олгица испиша нова страница во креаторскиот дневник и како костимограф, на интернационален проект. Досега вакво искуство немала на домашната балетска сцена.

-„Електра“ е за мене е особено драг проект и дефинитивно е следното ниво во мојата кариера. Понудата ја добив од интернационален режисер од Виена, господинот Ренато Занела. Бевме дел од еден настан каде што во разговор за нашите професии, откога погледна што и како работам, се заинтересира за мојата работа. Направил комплетно истражување што сè имам работено досега и потоа ме поканија на состанок каде што ми кажаа дека сум премногу талентирана и дека сакаат да ми понудат проект за соработка. Ми оставија простор за размислување и откога ја потврдив соработката, следуваше процес на подготовки. Имав околу 2 месеца за подготовка и реализација. Балетаните беа од различни земји (Франција, Бразил, Романија, Албанија, Германија, Грција) така што сите проби ги правевме во Виена. Сè се одвиваше пребргу и беше премногу динамично, така што јас немав премногу време да размислувам за големината на проектот. Сакав само да бидам професионална и да ја завршам работата најдобро што можам и да ја презентирам мојата лична карта како дизајнер во најдобро светло. По целиот настан, кој помина фантастично, можам да кажам дека ова за мене е едно поинакво искуство, кое секако дека стана дел од моето растење како дизајнер. Ми даде можност да видам каде сум во однос не сè што правам во оваа работа!  Како се справувам со вакви големи проекти, работа со поголем тим, работа со луѓе со интернационални кариери кои почитуваат поинакви системи. Ми даде еден поттик и сила да продолжам уште повеќе на овој пат. Дефинитивно сум подготвена за наредни чекори. Сите овие години ми дале едно сеопфатно искуство во ова што го работам, така што овој проект навистина со задоволство го сработив, раскажува Олгица.

Благодарејќи на „Електра“ дизајнерката успеала да направи  одлични контакти кои секако дека во иднина ќе продолжи да ги негува. Проектот бил воден од луѓе кои имаат интернационални кариери,  кои дошле да работат за проектот.

-Имено, тоа беше модерна балетска претстава која и покрај самата тематика, „Електра“ од Софокле, бараше малку помодерна верзија на костими. Режисерот побара да вметнеме  дел од мојата работа досега, во самите костими, особено мотивите кои станаа карактеристични за мене во изминативе сезони, како што се цветовите.Режисерот со кој работев е со огромно интернационално искуство, чии претходни костимографии биле изработени од Валентино, Кристијан Лакроа, Жан Пол Готје итн. Ова од секој аспект е потврда за мене како дизајнер и за мојата работа. Мислам дека оставив доволен простор за уште вакви прекрасни проекти, од секој можен аспект, вели Ѓоргиева.

По овој проект, моментално е фокусирана на работата во нејзиното студио и на клиентите.

-Следен проект е мојата нова колекција за која сè уште не сум одлучила во каква форма ќе биде презентирана. Би сакала претходно добро да се одморам, да сумирам сè што се случуваше во блиското и подалечното минато и да направам еден пресек, што секогаш обично резултира со промена, така што  со нетрпение ги очекувам следните предизвици.

Лејла Сабит     Фото: Приватна архива