Дизајнерите на Моден викенд – Скопје: Имагинацијата е кујна што мириса на топли кифли и дете што не сака да оди во градинка

Моден викенд Скопје викендов го најавува своето седумнаесетто издание кое ќе се одржува под слоганот „Што ја храни вашата имагинација?“ (What Feeds Your Imagination?).

Во нов и необичен амбиент, Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, пред фотообјективите застана новото заштитно лице на „Моден викенд“, Мануела Гочевска, од модната агенција „Подиум“.

– Модата се смета за еден од најголемите визуелни феномени веќе со децении и она што одамна ги помести границите меѓу уметноста, литературата, архитектурата и формите. Резултат на интеракцијата меѓу модата и уметноста е имагинацијата. Преку модните креации сакаме да ги прочитаме, ослободиме и да ги предизвикаме имагинациите и визуелната култура кај сите модни вљубеници – вели организаторката Света Богова-Јовановска.

Ги прашавме дизајнерите учесници, што ја храни нивната имагинација?

Роберт Ивановски – Имагинацијата ја стимулира креативноста и иновативноста. Таа е клучна состојка за проширување и унапредување на нашиот свет. Ако не можеме да замислиме нови можности, нашата способност да размислуваме креативно е ограничена. Нашите умови можат да си ги замислат можностите во контекст на она што веќе го знаеме и тогаш е јасно дека мораме да го зголемиме знаењето ако сакаме да го зголемиме она што можеме да го замислиме. Читањето е најголем начин да се изгради знаење. Патувањето може да ви го отвори умот на нови култури, разговорите со познајници можат да бидат моќен извор на ново знаење. Визуелизацијата е важен дел од зголемувањето на имагинацијата. Таа вклучува разни сетила и често се перципира како способност да создаде јасна и живописна слика во умот. За да ја подобриме нашата имагинација, потребно е да го градиме своето знаење и да останеме неверојатно љубопитни.

Олгица Ѓоргиева – Креативноста е широк поим, со безграничен простор на имагинација. Секогаш е различно. Понекогаш во главата имам напишано цели книги, изрежирано цели филмови. Тоа е енергија што те носи напред. Моментите кога работи мојата имагинација, по малку се нереални, како да влегувате во една друга димензија и како оддалеку да слушате само гласови од сегашноста. Визуелизацијата најверојатно е најглавниот дел од имагинацијата. Разновидна е храната со која ја хранам својата имагинација… понекогаш се патувања, книги, ситуации, емоција, детали, иднина, сегашност, минато итн… бесконечни извори за бесконечна имагинација!

Јагода Пачемска (ФА-БУ) – Моите силни чувства и желбата да создавам и дизајнирам несекојдневни нешта со вербата во мојата креативна способност.

Евгенија Зафировска -Архитектурата и модата традиционално се смета дека се лоцирани на спротивните краеви. Архитектурата е синоним за конзистентност и постојаност за разлика од модата која е симбол на минливоста и секојдневен живот. Денес оваа теорија се менува бидејќи овие дисциплини се поврзани со идентитетот, брендирањето, презентацијата и начинот на живеење. Затоа, извесно време сум импресионирана од архитектурата и мојата инспирација за оваа колекција беше Кензо Танге, јапонскиот архитект кој го обнови мојот роден град Скопје. Погледот на врвно архитектонско дело ја храни мојата фантазија, која ја преточувам во моделите.

Магдалена Нешковски (Ателиер Магдалена) – Сосема спонтано се буди една идеја која раѓа многу други. Гранка што бескрајно се разгранува. А тоа ме храни, ме води. Тоа се контурите на мојот живот. Ми дава сила да го доживеам со сите мои сетила цутот, кој ќе ми донесе само убавина.

Добрила Грашеска-Јованоска (дел од тимот Фингерпринт) – Нашата имагинација е како зрак одбиен од огледало: може да биде насочена на една страна, а одеднаш да ѝ се смени насоката и да замине некаде каде што не сме ја ни очекувале. Имагинацијата е една од најслободните енергии што човекот ги поседува: неа, едноставно, не можеш да ја контролираш! Таа е чиста слобода и не дозволува да биде заробена. Кога би морале да ја замислиме, тоа би било најблиско до малата Ѕвончица, најдобрата другарка на Петар Пан, детето кое не сакаше да порасне. Се сеќавате, таа одеше само каде што сакаше и, иако малечка, изгледаше опасно кога ја тераа да одлета некаде со сила.

Од друга страна, кога се работи за нејзината „закуска“, односно што е она со што ја храниме, можеме да се пофалиме дека тоа е разновидната храна: аромата на кујната што мириса на топли кифли уште од рано наутро, убаво облечен човек на улица, дете што не сака да оди во градинка, сонце што ни го запира погледот од светлината или ајвар направен заедно со роднините во двор. Токму таму и се роди нашата идеја за оваа креација што ја создадовме: се роди од нашата околина, од она што нас нè прави да бидеме ние, од она што ја одделува Македонија од остатокот на светот. Во оваа креација ги собравме сите импресии на кои сме наишле попатно талкајќи низ Македонија и се обидовме на дизајните на нашата облека да им дадеме сосема нов живот: да им создадеме уникатна патека по која ќе патуваат низ нашите улици и низ улиците на светот. Се обидовме како тим да раскажеме за македонскиот шарм, едноставност, за нашите шеги. Затоа и на нашиот бренд му го дадовме потписот: Фингерпринт – парче приказна… Се надеваме дека успеавме да ја раскажеме сензацијата од нашава околина на поинаков начин.

Катарина Лука (Кали Роуз вс Катарина Лука) – Имагинацијата е сè, а светот на имагинацијата е безграничен. Моќта да се избере, да се создаде, да се надминат границите, тоа е секое биење на моето срце. Не можам да одлучам што најмногу ме инспирира бидејќи доаѓа од моментите од мојот живот или она што се случува околу мене. Јас само знам дека сум сонувач и сонував за ова, сонувам за секоја цел во мојот живот. За мене, имагинацијата и желбата се многу блиски. Кога желбата се трансформира во конкретни акции, соништата се остваруваат и потоа… мојата имагинација станува универзумот.

Јилка Брада (Косово) – Музика и мојот секојдневен живот.

Берна Сарачи (Косово) – Мојот ум се отвора кога слушам звуци. Звуци на природата, одредени видови музика…  Потоа звуците се претвораат во зборови кои ми зборуваат… Зборовите се претвораат во чувства. Мислам дека чувствувањето на дури и најмалите детали од животот нѐ носат на различни места.

Моника Коцарева (ателје Коцарева) – Уметноста, архитектурата, музиката, книгите, како и посетувањето нови земји, градови и континенти го прошируваат нашиот поглед, ги прошируваат нашите хоризонти, го развиваат нашиот мозок и, се разбира, ја хранат нашата имагинација.

Снежана Палада (ПАЛЛАДА) – „Историјата“ – сѐ она што е „заборавено“, „не објавено“ и „чувано“ е она што ми ја храни мојата имагинација. Можат сигурно со мене да се согласат многумина дека парчињата гардероба во минатото имале поголема вредност, не затоа што припаѓаат таму, туку баш заради вредноста на изработката и посветеноста која ја добиле како парчиња гардероба.

Секогаш она што будело дизајнер во мене е идејата да ја преточам старата кралска облека во ново време. Да им дадам вредност на креациите, да им дадам безвремен дух. Да бидат парчиња на креации кои ќе бидат предадени на некои идни поколенија.

Зана Алиу – Возбудата што ја доживувам секој пат кога ќе наидам на убав материјал, парче или детаљ ја храни мојата имагинација, еуфоријата, сѐ додека моите идеи не ги остварам во софистицирани креации, и најубавото чувство и преголема сатисфакција, кога моите креации ги задоволуваат и воодушевуваат моите клиенти… Се воздржувам на тоа да ги пречекорам границите на имагинацијата, но сепак да ја сочувам сензуалноста на моите креации. Преубаво е тоа што ние дизајнерите како уметници даваме дел од самите себеси како подарок на светот, преку нашата имагинација и лични желби.

Сара Реџиќ (Сари Ги) – Убавината во животот, убавината на луѓето, разноликоста на овој голем шарен свет… Мојата голема желба и од лошото да извлечам малку убавина.

Студентите дизајнери од Факултетот за арт и дизајн – Европски универзитет- Ние студентите сакаме да го отсликаме општеството во кое живееме. Поттикнати сме од динамичноста на денешната брза комуникација, од предизвиците со кои се соочуваме секојдневно како млади луѓе, од љубовта која е суштински дел на нашите животи. Ги предизвикуваме стереотипите и сакаме да зборуваме за табуата. Нашата имагинација постојано се храни и од ликовната уметност, книгите, филмовите, дизајнот, музиката, спортот. Преку модата се обидуваме да им дадеме форма на сите овие наши инспирации.

Фото: Благоја Ангеловски