Дибала: Јуве е фаворит во ЛШ, но треба да го покаже тоа на теренот

Напаѓачот на италијанскиот хегемон Јувентус, Пауло Дибала изјави дека „бјанконерите“ се меѓу фаворитите во Лигата на Шампионите, но мора да го докажат тоа и на теренот.

Тимот од Торино утре гостува на Атлетико Мадрид во првиот осминафинален натпревар, а аргентинскиот репрезентативец ги сподели своите очекувања во интервју за сајтот на УЕФА.

– Го покажавме потенцијалот во последниве години. Јуве играше две финалиња, но не треба да гледаме наназад, туку кон иднината. Имаме одличен тим со врвни професионалци кои имаат големо искуство. Меѓу претендентите на турнирот сме, но треба да го докажеме тоа на теренот, изјави бисерот на „Старата дама“.

За Атлетико, Дибала изјави дека добро го проучиле противникот.

– Сите го знаеме нивниот стил на игра кај Диего Симеоне. За да се освои турнирот, треба да ги победиш сите. Нема лесни натпревари и ривали. Атлетико се силни во одбрана и опасни на контра. Ако не сме доволно внимателни, може да не уништат. Но можеме да го кажеме истото и за нас. Ги знаеме нивните силни страни и ќе се обидеме да ги неутрализираме, додаде Дибала.