Дефокусирани од иднината

Никола Поповски

Додека во Македонија јавноста жолчно се расправа во врска со тоа дали треба да се променат името и Уставот на земјата, дали да се даде амнестија на криминалот и тероризмот од секаков вид и дали треба да се одземе незаконски стекнатиот имот на гореспоменатите протагонисти, а во услови кога институциите се во активна фаза на официјални преговори со делови од тие протагонисти, светот полека и секојдневно се придвижува понапред од вчера. Показател за тоа е однесувањето на Светска банка. Во текот на овој месец таа издаде два многу важни документа за состојбата со иднината на светската економија и начинот на кој таа се анализира и на кој треба да се гледа.

Имено, во октомври беа промовирани традиционалниот годишен „Извештај за светскиот развој 2019“ (World Development Report 2019) со наслов „Променливата природа на работата“ (The Changing Nature of Work) и еден друг многу важен извештај што за првпат се појавува, едноставно наречен „Проект за човечкиот капитал“ (The Human Capital Project). За сите заинтересирани тие се достапни на веб-страницата на Светска банка, а уверен сум дека за економистите и за многу други професии се задолжително четиво. Невообичаено и многу илустративно, случајно или не, иако случајноста е целосно исклучена, двата извештаи имаат идентично графичко решение и иста слика на своите насловни страници. Симболиката е огромна.

Секако, тоа што е најважно не е нивниот изглед, туку проблематиката што тие координирано ја обработуваат, а тоа е значењето на знаењето и човечкиот капитал како негов непосреден носител за економијата и за економскиот развој. Впрочем, оваа година, во неверојатна коинциденција, токму за придонесот во истражувањето и објаснувањето на значењето на знаењето во моделите на економскиот развој, Нобеловата награда за економија од страна на Централната банка на Шведска му беше рамноправно доделена на американскиот професор Пол Ромер за неговиот пионерски и суштински придонес во оваа сфера уште во неговиот познат труд од 1990 година и за неговото целокупно понатамошно истражување. Преземениот чекор за упатување на фактот дека на двата извештаи на Светската банка треба да се гледа како на целина (толку невообичаен) е што во двата е поместено едно идентично поглавје – она со наслов: Изградбата на човечкиот капитал.

Но, да одиме по ред. Ова не е првпат Светска банка, или некоја институција во рамките на ОН да укажува на значењето на знаењето и човечкиот капитал за економијата и целото општество. Напротив. Тоа континуирано и систематски, како впрочем и во економската наука, се случува веќе три децении наназад. Само да се потсетиме дека и веќе институционализираната Програма за развој на ОН (UNDP) уште од 1990 година започна со редовното годишно објавување на познатиот Извештај за човечкиот развој (Human Development Report) во чии рамки го пресметува и објавува индексот на човечкиот развој за секоја земја во светот на годишно ниво, базиран на композитен индикатор што ги мери заедно големината на БДП по жител според паритетот на куповната моќ на секоја земја (мерење на животниот стандард); очекуваното траење на животот во земјата (мерење на можноста за долг и здрав живот); и стапката на писменост и опфатот со образованието на поединците (мерење на знаењето).

Сега се оди многу понапред. Извештајот за светскиот развој 2019 („Променливата природа на работата“) екстензивно се занимава со влијанието на знаењето и технологијата (опредметено знаење) врз променливата природа на работата на работниците, но и на фирмите; градењето на човечкиот капитал и неговото мерење (последново е голем напредок), процесите на доживотното учење и приносите од процесот на учењето и работата. Работните места денес и особено во иднина ќе бараат „посебни вештини – комбинации на технолошки вештини, решавање на проблеми и критичко мислење, како и меки вештини како што се истрајност, соработка и емпатија“. Во услови на уште побрз иновативен раст на економиите, оние со помал капацитет – особено економиите со среден и низок доход во кои спаѓа и Македонија ќе имаат дополнителни и сериозни проблеми да фатат приклучок. Промените ќе ги следат и фирмите. Се проценува дека денес 10 отсто од фирмите во светот создаваат околу 80 отсто од добивката и тој процес нема ниту брзо ниту лесно да се пренасочи или промени. Од друга страна, пазарите ќе стануваат сè поконкурентни со постојани технолошки, претприемачки и менаџерски иновации. Опстанокот нема да биде лесен.

Посебен проблем станува процесот на доживотното учење и тоа, пред сè, заради фактот што стапката на технолошката дифузија во светот постојано се зголемува. Опстојувањето на пазарот, но и на „бришаниот простор“ на глобалната економија е неизвесно, а учењето мора да стане доживотно секојдневие. Од тие причини и потребата од поголема регулација на трудот и зајакнувањето на социјалните механизми на помагање и заштита околу него, особено образованието и здравството се неминовни и на нив најмногу во иднина ќе треба да се посветат државите со своите институции.

Помалиот по обем, но многу позначаен извештај е „Проект за човечкиот капитал“. На само 50-ина страници тој прави една „мала револуција“ во обидот да се измери човечкиот капитал преку пионерска инаугурација на Индексот на човечкиот капитал. Тој математички е конструиран да може да го предвиди износот на човечкиот капитал што едно денес родено дете во една земја, може да очекува да го достигне и да го поседува на возраст од 18 години. Индексот периодично ќе се обновува и проширува за да се набљудува напредокот.

Тој сега го мери човечкиот капитал на идната генерација дефиниран како сума и се потпира на мерењето на можноста единката да преживее до петтата година за да го започне процесот на акумулација на капиталот; ги мери очекуваните години проведени во образование приспособено на процесот на учење, а директно мерено преку меѓународно тестирање на учениците; и конечно здравјето како компонента од два индикатори – стапка на заостанување на деца на возраст под 5 години и стапка на преживување на возрасните. Од овие индикатори со сложени математички пресметки се извлекува индексот на човечкиот капитал (Human Development Index) како ниво на можна идна продуктивност на сега родените генерации споредено со состојба кога нивното образование и здравје би биле идеални.

Индексот на секоја земја се пресметува во границите од 0 (најниско) до 1 (највисоко). Првото мерење го исфрли Сингапур на врвот во светот со индекс од 0,90, односно поединците имаат можност да стекнат дури 90 отсто од нивната идеална сума на човечки капитал и истиот потоа продуктивно да го употребат, наспроти Чад со индекс од само 0,29. Нашата Македонија е рангирана на ужасното 88 место во светот со индекс од 0,53, кој укажува дека нивото на можната идна продуктивност на сега родените генерации споредено со состојба кога нивното образование и здравје би биле идеални ќе е само 53 отсто. Тоа е премалку и ние мора да извлечеме голема поука дека нашиот иден долгорочен економски развој најмногу зависи и ќе зависи од нивото на човечкиот капитал што ќе го создадеме. Како тој се создава во светот е одамна јасно и тука нема големи непознаници, има само недостаток на посветеност, работа и желба. Можеби и на наивност и негрижа од страна на оние што одлучуваат.

За жал ние живееме во време во кое нашата агонија со теми и проблеми што се дефокусирани од вака значајни и глобални теми е голема.