Детето на КАРИЛ се разбуди од кома, заменик министерот ги обвини родителите

Се подобрува состојбата на 14-годишното девојче од Охрид кое беше во кома на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Тоа е едно од трите деца за кои од Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“ побараа да се испита како биле лекувани, бидејќи компликациите настанале од дијабетес тип 1 кој не бил откриен навреме.

Заменик министерот за здравство, Асим Муса, на денешната прес конференција рече дека задоцнето откривање на дијабетес е пропуст на родителите. Според него невистинити се обвинувањата дека медицинските лица, матичните доктори и стручниот кадар во болниците не успеале навремено да ја утврдат дијагнозата.

-Бев во посета и го видов девојчето на КАРИЛ. Таа е во стабилна состојба, се подобрува, при свест е. Сакам да потенцирам дека сите три случаи се новооткриени. Дијабетот им е откриен кога прв пат отишле на лекар. Ништо не е пропуштено и се е согласно правилата. Бидејќи деца со дијабет се третираат на клиниката за детски болести тие се навремено упатени во соодветните установи. Не е вистина дека се несоодветно лекувани и дека е закаснето со лекувањето – рече Муса.

Според него, дијагнозата им е одредена во матичните болници, од каде се препратени на Клиника.

-Децата се донесени од дома во тешка состојба, тоа е пропуст наодителите. Децата не биле неколку пати шетани по болници и лабаратории – додаде тој.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат информираат дека ќе се изврши надзор во општите болници каде биле примени децата, пред да бидат препратени на Клиника. Извештајот на инспекцискиот надзор ќе утврди дали имало пропуст во постапката.