Детали за инцидентот во Чаир: Убиеното момче имало 24 години

Дваесет и четиригодишно момче почина откако во него попладнево беше пукано од возило во движење на улицата „Џон Кенеди“ во Скопје.

Полицијата потврди дека инцидентот се случил околу 17:40 часот.

Момчето со иницијали Б.И. (1993) е пренесено во Ургентиот центар без знаци на живот, потврдија од Клиниката за трауматологија, ортопетски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

Директорот на ТОАРИЛУЦ, Илир Хасани за МИА изјави дека е извршена 45-минутна реанимација, но безуспешно.

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека дежурен јавен обвинител заедно со увидна екипа на Министерството за внатрешни работи врши увид на местото каде денеска околу 18 часот беше застрелано 24-годишно момче.

– Пукањето се случило во непосредна близина на местото на живеење на сега починатото лице, на улица „Џон Кенеди“ спроти средното училиште „Цветан Димов“ во скопската населба Чаир. Првичните сознанија се дека пукањето следело по вербална расправија меѓу сега починатиот и сторителот, по што сторителот посегнал по огнено оружје и го застрелал 24-годишното момче. Од здобиените повреди кај жртвата настапила смрт. Сторителот се дал во бегство, информираат од Основното јавно обвинителство.

По наредба на јавен обвинител се подигаат траги од лице место кои ќе бидат предмет на обработка. Издадена е и наредба за обдукција на починатото лице. Основното јавно обвинителство Скопје работи на утврдување на фактите во кривично правниот настан за што јавноста ќе биде дополнително информирана, стои во соопштението.