Дескоска ургирала за екстрадиција на Даравелски

Министерството за правда нема одговор на барањата за екстрадиција ниту едно од барањата за екстрадиција на лицата кои се засолнети во соседните држави, а во Македонија се обвинети за кривични дела.

И по половина година од одлуката на грчкиот Врховен суд кој одби да ги екстрадира главните обвинети за масовното прислушување, поранешните разузнавачи, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, одлуката уште не е стигната во Македонија. Министерството за правда испратило ургенција, но од Грција немало одговор и на ургенцијата. Ургенција била испратена и до српските власти кои повеќе од десет години не го екстрадираат поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски осуден на седумгодишна затворска казна.

„Сите постапки кои се водат за екстрадиција, значи за сите барања кои биле доставени, доколку немаме одговор, ние поднесуваме и барање односно ургенција за да се процесуира случајот. Тоа го направивме и во случајот со Даравелски, тоа го нарпавивме и во Грција“, изјави Дескоска.

Вакво барање не е испратено уште до Косово, бидејќи се уште го немаат надминато рокот за да одговорат кога ќе ги испорачаат Алил Демири и Агим Исмаиловиќ, првообвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро. Сите бегалци се слободни граѓани во земјите каде што избегале.(Ф.Ф.С.)