Десетици луѓе загинаа во наводeн хемиски напад во Сирија

Десетици лица загинаа во наводен хемиски напад кој вчера бил извршен врз последниот бунтовнички бастион во Источна Гута, во близина на главниот град на Сирија, Дамаск.

Волонтерската спасувачка организација „Бели шлемови“ тврди дека хеликоптер фрлил буре полно со експлозиви и хемикалии врз градот Дума, при што биле убиени најмалку 40 луѓе. Организацијата прецизира дека цели семејства се задушиле во подрумите од отровниот гас. „Бели шлемови“ на Твитер објави фотографии на наводни жртви на хемискиот напад, вклучувајќи жени и деца, како безживотно лежат со пена на устата.

Проопозицискиот Медиумски центар „Гута“ соопшти дека во нападот загинале 75 цивили

Официјалната сириска новинска агенција САНА ги отфрли обвинувањата.

Портпаролката на американскиот Стејт департмент, Хедер Науерт изјави дека меѓународната заедница треба да одговори ако се потврди кредибилитетот на информациите за хемиски напад.

– Русија, со својата постојана поддршка за режимот, ја има крајната одговорност за овие сурови напади, рече таа.