Деркоски: Редоследот на претседателските кандидати најверојатно ќе биде утврден утре

Државната изборна комисија (ДИК) ја почна седницата на која треба да утврди  дали кандидатурите за претстојните претседателски избори се регуларни и согласно законот откако веќе се поднесени оние на кандидатите на СДСМ и коалицијата, на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и на албанската опозиција, Стево Пендаровски, Гордана Силјановска – Давкова и Блерим Река.

Комисијата по проверката ќе донесе решение за потврдување на кандидатурите со што Пендаровски, Силјановска и Река и официјално ќе станат кандидати за претстојните претседателски избори. Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски денеска непосредно пред почетокот на седницата изјави дека тој не очекува дека ќе има каков било проблем во кандидатурите.

Најави дека ДИК ќе излезе со соопштение оти најверојатно се потврдени кандидатурите за тројцата учесници во претседателската трка.

Од утре течат останатите рокови, меѓу кои и рокот за одредување на редоследот на кандидатите. Дерковски истакна дека неверојатно уште утре со жрепка ќе се утврди тој редослед, а од 1 април и официјално почнува кампањата за претседателските избори.

-Ние како ДИК од денот на распишување на изборите, 8 февруари па се досега направивме се со цел организациски изборите да протечат во најдобар можен ред и ќе продолжиме со организација до денот на изборите, рече Деркоски.

Уште еднаш апелираше до сите учесници во кампањата изборите да поминат во фер и коректна атмосфера, да претставуваат вистински политички натпревар на идеи, со цел да се добијат кристално чисти избори кои ќе значат еден плус повеќе за развој на демократскиот капацитет на државата.

Сите три кандидатури се поднесени со поддршка од група избирачи. За официјализирање на претседателската кандидатура потребно е кандидатите да достават минимум 10.000 граѓански или 30 пратенички потписи.

Сите тројца кандидати, како што рече Деркоски го имале потребниот минимум на потписи што требало да бидат собрани и додаде оти смета дека нема да има никаков проблем за утврдување на кандидатурта.

Со оглед на тоа дека откако ќе се утврдат нивните кандидатури тие и официјално стануваат учесници во трката за претседателските избори,  Дерковски нагласи оти тие до 1 април ќе треба да се воздржат од јавни настапи, изјави, бидејќи сето тоа ќе значи кампања.