Дербито Работнички – МЗТ не стигна до епилог

Вечното дерби во македонската кошарка шампионат меѓу лутите скопски ривали Работнички и МЗТ – Аеродром не стигна до епилог, затоа што судиската тројка одлучи да го прекине натпреварот на 3 минути и 18 секунди до крајот на третата четвртина.

Причина за прекинот во „Градски Парк“ беа неколку инциденти предизвикани од двете навивачки групи.

Судиите пред да заминат во соблекувалните, во неколку наврати ги опоменуваа навивачите, но тие продолжија да фрлаат предмети од трибините и да ги плукаат судиите и кошаркарите.

Неколку минути пред конечниот прекин, имаше уште еден поголем прекин, но и тоа не помогна да се смират страстите.

Резултатот остана во втор план, а во моментот на прекинот изнесуваше 62:50 за Работнички.

Според информациите натпреварот ќе продолжи утре без навивачите на МЗТ Скопје кои не сакаа вечерва да ја напуштат салата, а судиите го бараа тоа како услов да продолжи мечот.