Дени Бојл ќе го режира 25-от Џејмс Бонд

САД– Продуцентите потврдија дека режисерската палка за 25-от филм од франшизата за најпознатиот таен агент во светот ќе ја држи Дени Бојл, со што ги потврдија гласините дека режисерот на „Trainspotting“ ќе се приклучи на овој филмски серијал.

По неколку месеци исполнети со шпекулации и прашања дали Даниел Крег ќе остане во улогата на Џејмс Бонд, беше потврдено дека тој останува и ќе соработува со Дени Бојл во новиот филм од франшизата.

Снимањето на филмот ќе започне во декември оваа година, а премиерата е закажана за 25 октомври 2019 година.

„Со задоволство најавуваме дека исклучително талентираниот Дени Бојл ќе работи заедно со Даниел Крег на новиот, 25-ти по ред филм за Џејмс Бонд“, стоеше во официјалната изјава на EON Productions.

Оскаровецот Дени Бојл има импресивно резиме, режирајќи филмови од повеќе жанрови и во неколку различни продукции. Тој стана познат по неговиот прв хит „Trainspotting“, за потоа да го достигне врвот на славата со „Slumdog Millionaire“, за кој и го доби Оскарот за најдобар режисер и најдобар филм.

Ова ќе биде петти пат на Крег во улогата на Бонд.