Демонстрантите во Белград упаднаа во РТС, бараат да се обратат во дневникот

Дел од демонстрантите од вечерашниот протест во Белград „Еден од пет милиони“ упаднале во зградата на Радио-телевизја Србија (РТС), пренесуваат српските медиуми. Според информациите, прв во зградата влегол претседателот на Двери и еден од лидерите на Сојузот за Србија Бошко Обрадовиќ.
-Не се плашиме од полицијата, ниту од Александар Вучиќ. Дојдовме да ја ослободиме РТС, изјави Обрадовиќ.
Вратата на зградата на српската државна телевизија е искршена. И покрај брзата реакција на полицијата, демонстрантите одбиваат да го напуштат објектот додека не им се дозволи да се обратат во централниот дневник на државната телевизија.
Преговорите се водат со уредникот на РТС Зоран Станојевиќ.

Претходно, учесниците на протестот ја опколија зградата на РТС вечерва околу 19 часот и ја почнаа блокадата која треба да трае околу два часа. Демонстрантите фрлаа со јајца кон зградата на РТС и најавија дека ќе емитуваат импровизиран „дневник на слободна Србија“.
Еден од основачите и лидер на опозицискиот Сојуз за Србија Драган Ѓилас го предводи протестот вечерва во Белград.