Дел Боске: Салах нема да го направи Реал подобар тим

Поранешниот селектор на Шпанија Висенте дел Боске се искажа доста негативно за играчите на Ливерпул пред претстојното финале во Лигата на шампионите против Реал Мадрид.
Според него, ниту еден од нив не би го направил тимот на „белите“ подобар, вклучувајќи и напаѓачот Мохамед Салах, кој реализираше 32 гола во Премиер лигата на Англија во оваа сезона.
– Реал Мадрид има одличен состав и е најдобриот тим во Европа во моментов. Тие треба да го потврдат тоа во сабота. Очекувам Реал да победи со 4:1, рече 67-годишниот Дел Боске.
Тој како тренер го изведе Реал до две титули во Шпанија и две во Лигата на шампионите.
– Ги гледам играчите на Ливерпул и не сметам дека некој од нив би ја кренал класата на Реал, па дури ни Мохамед Салах. Герет Бејл и Карим Бензема се многу добри. Карим Бензема понекогаш има слаби периоди во однос на реализацијата, но тој секогаш дава се од себе, а Роналдо ги прави сите околу себе подобри, рече специјалистот, кој ја изведе Шпанија до светската и до европската титула.