Делегација од Управата за заштита на културно наследство на конференција во Пловдив

Делегација од Управата за заштита на културното наследство на 26 и 27 март учествуваше на меѓународна конференција „Културното наследство: За поодржлива Европа“, што се одржа во Пловдив, во рамки на бугарското претседавање со Советот на ЕУ, а во рамки на Европската година на културно наследство.

На конференцијата учествуваа околу 250 претставници и стручни лица од сферата на заштитата на културното наследство, се наведува во соопштението од Управата.

Со цел промовирање на културното наследство како значаен ресурс за постигнување мир, единство и економски просперитет во Европа, конференцијата опфати бројни теми поврзани со културното наследство каде се разговараше за најдобрите методи и практики за унапредување на политиките за управување со културното наследство и подигнување на свеста за неговата вредност помеѓу пошироката јавност.

Оваа година, културното наследство е високо на агендата на ЕУ, а според најавата на еврокомесарот за образование, култура, млади и спорт Тибор Наврачич, кој се обрати на отворањето на конференцијата, 2018 година е само предвесник на фокусот на Унијата за понатамошна поддршка на културното наследство.

Присутните на конференцијата се согласија дека ваквиот моментум на политичка поддршка треба максимално да се искористи, а заедничкото европско културно наследство да стане клучен елемент во одржливиот развој на Европа, преку нагласување на економскиот и социјалниот придонес кое тоа го дава на општествата.

Партиципативноста, односно учеството на пошироката јавност во заштитата и управувањето со културното наследство беше препознаена како основна нишка и на стратешките документи за културното наследство на Европско ниво – Стратегијата 21 на Советот на Европа и најавената Стратегија за развој на културата на Европската Унија која треба да биде објавена наскоро.

Делегацијата на Управата за заштита на културното наследство, предводена од директорката Елеонора Петрова-Митевска, со стручните лица Зоран Павлов и Кристина Бицева, учествуваа на сесиите во рамките на оваа конференција и остварија повеќе средби со претставници од земјите-членки на Унијата и од меѓународни граѓански организации, меѓу кои и со заменик-министерот за култура на Бугарија, Амелија Гешева и со генералниот секретар на Европа Ностра, Снешка Квадлих-Михаиловиќ, со цел остварување на соработка во сферата на заштитата на културното наследство во иднина.

Учеството на оваа конференција е во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018 како дел од меѓународните активности во рамките на оваа иницијатива, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.