Девојчиња избегале од градинка во Сибир на минус 45 степени

Две петгодишни девојчиња незабележано избегале од градинка во Сибир на температура од минус 45 степени Целзиусови затоа што сакале да одат дома и да ги изненадат родителите.

Девојчињата биле пронајдени, но се здобиле со смрзнатини и паднале во состојба на хипотермија.

Како што јави Би-Би-Си, тоа бил еден од најстудените денови во регионот.

Безбедносните камери го снимиле моментот кога девојчињата излегуваат од градинката и на снимката се гледа дека едното од нив носи играчка, а другата немала ракавици.

Едно од девојчињата, Лена, моментално е во болница во Јакутск и има смрзнатини на три прсти, јавија локалните медиуми. Нејзината мајка Евдокија Кутукова забележала дека ќерка и исчезнала во селото Нанци кога дошла по неа во градинка и видела дека и ја нема јакната. Таа веднаш пријавила и набргу било утврдено дека во градинката не е ниту најдобрата другарка на Лена чие име не е објавено. Кутукова информира дека потоа и се јавил дедото и рекол дека Лена само што стигнала дома, сама, расплакана и смрзната. Нејзиниот сопруг навел дека некој непознат човек на Лена и дал шал кој многу и помогнал.

Другото девојче се загубило на патот до дома и било пронајдено еден час подоцна. Таа била во состојба на хипотермија, но откако ја прегледале лекарите ја пуштиле дома.

Покрената е истрага во врска со случајот.