Девет деца загинаа во експлозија на бомба во северен Авганистан

Девет деца загинаа синоќа во експлозија на експлозивна направа во провинцијата Фарјаб во северен Авганистан, јави ДПА, повикувајќи се на властите.

Во експлозијата во округот Шерин Тагаб повредени се и четири лица, изјави член на регионалниот совет. Друг претставник на советот изјави дека мртвите биле осум, а повредените петмина.

Бомбата била поставена во близина на безбедносен контролен пункт, а за нападот се виновни талибанците, тврдат изворите на ДПА.

Во извештајот од февруари Мисијата на ОН за помош на Авганистан се наведува дека во Авганистан во 2017 година биле убиени најмалку 3.438 лица и повредени 7.015 цивили.