Дебарските советници бараат исплата на надоместоците или нема да одржуваат седници

Советниците на општина Дебар, на денешната седма редовна седница, ја предупредија локалната самоуправа дека доколку до следната седница не се исплати советничкиот надоместок, кој не им е исплатен за повеќе месеци, ќе доаѓаат на закажана седница, но нема да ја одржуваат.

Ваквата одлука следуваше по консултациите на координаторите на советничките групи, откако советниците не сакаа да ја одржат и денешната седница.

– На седницата имавме некои значајни прашања за нормална работа на локалната власт, па во интерес на граѓаните кои ни ја даде довербата, координаторите  донесоа едногласна одлука денешата седница да се одржи. Но, доколку не се исплати советничкиот надоместок и средствата на ангажираните лица на локалните избори советниците нема да расправаат или изгласуваат ниеден документ, изјави Башким Машкули, претседател на Советот на општина Дебар.

Според него, петнаесетте општински советници немаат добиено седум надоместоци, вклучувајќи го и месец април, а три месечни надоместоци не се исплатени и на членовите на претходниот состав. Исто така локалната самоуправа ги нема исплатено и надоместоците за членовите на избирачките одбори за локалните избори.

Инаку, на седницата беше изгласана одлуката за измена на одлуката за извршување на буџетот на општината за 2018 година, одлуките за давање согласност на годишниот план за врабиотување во општина Дебар во 2018/2019 година, како и во деветолетките во општината за следната година.

Советниците ја донесоа и Програмата за спроведување на општи мерки за заштита на населението од заразни болести за годинава, при што од страна на епидемиологот Ментор Меља од единицата за здравствена заштита во Дебар, беше нагласена неопходноста од формирање Здравствен совет, во кој освен стручни лица би имало и претставници на општинскиот совет,со цел подоследно да се следи состојбата со заразните болести и превземањето и превентивни мерки во тој правец.