Двајца пратеници исфрлени од зградата на унарската телевизија

Припадници на обезбедувањето денеска исфрлија двајца независни пратеници од зградата на унгарската државна телевизија откако се обиделе да прочитаат петиција.

Тие се обидоа да ја прочитаат петицијата еден ден откако полицијата употреби солзавец против демонстрантите во Будимпешта, јави Радио Слободна Европа.

Двајцата пратеници беа меѓу десетината членови на Парламентот кои ноќта ја поминаа во зградата на државната телевизија во рамките на демонстрациите против политиката на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Во петицијата се наведени барањата од вчерашниот протест, меѓу кои се повик за повлекување на новиот закон за труд, независноста на јавните медиуми и судовите и приклучување на Унгарија кон канцеларијта на обвинителството на ЕУ.

На интернет се емитувани снимки на кои припадници на обезбедувањето се туркаат со двајца пратеници и ги потиснуваат надвор од зградата. Другите пратеници го продолжија протестот во зградата на телевизијата.

Околу 10.000 демонстранти вчера учествуваа во протест насловен „Среќен Божиќ, господине премиер“. Тоа беше четврт и до сега најголем собир во последните седум дена против, како што велат демонстрантите, се поизразеното авторитарно владеење на Орбан.

Протестниот марш беше воглавно мирен се додека полицијата доцна синоќа не употреби созлавец пред зградата на телевизијата.